Денес започнува со работа „Mакедонска држава“, најголемата дигитална библиотека за македонското историско наследство. Платформата стартува со повеќе од 300 поставени примероци на електронски книги, историски документи и истражувања кои опфаќаат повеќе од 150 години македонска историја, култура и поезија.
Зад платформата стои група млади ентузијасти и љубители на македонското културно наследство, кои во изминатиот период вложија многу труд за да ги соберат, дигитализираат и систематизираат достапните материјали од различни библиотеки, архиви, приватни збирки и јавни извори. Нивната визија е едноставна, македонската историја и култура да бидат зачувани и споделени со сите преку оваа дигитална архива.
„Македонска држава“ е замислена како постојано растечка дигитална архива чија цел е да ги поврзе истражувачите, учениците, професорите, новинарите и сите што ја негуваат љубовта кон македонската историја и култура во заедница што активно го чува и пренесува националното наследство. Со редовно додавање на нови содржини, платформата ќе се развива во сè побогата ризница на знаење и колективна меморија
Иако во моментов е достапна на англиски јазик, уште овој месец ќе ја добие и македонската верзија, а потоа и преводи на други јазици. Така, библиотеката ќе биде подеднакво корисна за граѓаните дома, за македонската дијаспора, но и за меѓународната јавност која сака да се запознае со македонската културна и историска традиција.
Посетете ја www.makedonskadrzava.com, истражете ја колекцијата и станете дел од движењето што ја чува македонската приказна за идните генерации.