Најголемиот регионален фестивал на комуникациите Weekend Media Festival во Ровињ, Хрватска, го започна своето 12-то издание со предавање на Жан Клод Бивер, предводник на луксузните брендови Tag Heuer и Hublot и еден од најистакнатите светски бизнисмени. За него се вели дека сé што ќе допре претвора во злато. Доколку го прашате Жан Клод Бивер која е формулата за успешно водење на премиум брендови, ќе ви каже дека во сé што работите треба да бидете први, различни и единствени. „Конфучиј еднаш рекол дека само мртва риба плива со струјата. Не сакам да бидам мртва риба. Треба да се движите во спротивен правец. Бидете први, различни и единствени и така никогаш нема да бидете мртва риба,“ истакна Бивер.
Токму тој пристап бил клучен за некои од неговите најголеми бизнис успеси. Во време кога швајцарската индустрија за часовници била пред колапс, со голем број на невработени часовничари и пазар на кој сé подостапни и поприфатени биле ефтините кварцни механизми, Бивер понуди решение.
Преку соработката со Светското првенство во фудбал FIFA World Cup и фудбалските клубови, како и соработката со познати личности како Синди Крафорд, Махаел Шумахер и Пирс Броснан како бренд амбасадори, индустријата за луксузни часовници се промени од темел. Конкуренцијата тогаш се поврзувала со спортови како голф и поло, а Бивер одлучил да биде уникатен.
„Морате да одите на другата страна. Фудбалот беше таа област за нас и го сфативме како шанса да бидеме први, единствени и различни,“ нагласи Бивер. Резултатите не изостанаа, парадигмата за часовничарската индустрија беше променета засекогаш.
„За успех е важно да имате визија, како да знаете дека луѓето мора да бидат на прво место. Секогаш сум верувал дека треба да сум опкружен со луѓе подобри од себе. Тие луѓе со кои започнав да работам во 1979 година се истите луѓе кои работеле на сите пет брендови. Мојата работа не е работа, туку страст, живот, уживање, емоција, семејство, сé,“ посочи Бивер.
Tри работни принципи се клучни за Жан Клод Бивер – споделување, простување и почит. „Делам сé што имам – своите грешки, искуства и успеси. Кога сте страстни, својата страст сакате да ја споделите со другите. Споделувањето ве збогатува. Најголемото богатство е токму во споделувањето со другите. Важно е да простувате грешки бидејќи секоја грешка ве води поблиску до успехот. Но, никогаш не треба да ја повторувате истата грешка два пати бидејќи тоа значи дека не учите. Доколку се однесувате со почит спрема другите, простувате грешки и споделувате со луѓето, тие ќе почнат да се чувствуваат удобно, како дел од семејството,“ нагласи Бивер.
За себе вели дека отсекогаш бил хипик, но дека и сé уште е. „Денес се облекувам поинаку, но никогаш не сум го изгубил тој мајндсет. Ги почитувам луѓето, мирот, животните и давам љубов. И понатаму верувам во тоа. Како што светот се развива, толку сум посигурен дека мораме да се вратиме кон тие вредности. Дваесеттиот век е најдраматичниот во човечката историја. Никогаш немало поголеми катастрофи. Имавме две светски војни, со безброј други помали и поголеми конфликти. Тука е и загадувањето на морето, воздухот, водата. Верувам дека новите генерации ќе бидат поинакви. Мораме да ја спасиме планетата за да ги спасиме луѓето. Денес сите треба да бидеме хипици. Мир и љубов е сé што ви е потребно,“ истакна Жан Клод Бивер од Ровињ.