Во свет каде дизајнот сè повеќе се вреднува не само по изглед, туку и по приказната што ја раскажува, едно македонско креативно студио направи пробив на светската сцена.
Скопската маркетинг агенција Why Agency освои бронзена награда на престижниот A’ Design Award во Италија, во категоријата „Giftware Design“. Наградениот проект е адвент кутија со накит, дизајнирана специјално за македонскиот бренд Smaragd 1969, познат по својата елегантна и внимателно изработена колекција на луксузен накит.
Проектот, насловен “House of Smaragd – Advent Calendar”, претставува кутија со четири уникатни прегради, секоја од нив со посебно селектиран накит. Но она што ја прави кутијата навистина посебна е нејзиниот дизајн: еколошка хартија, одржливи материјали и форма која овозможува повторна употреба – концепт кој спојува луксуз со одговорност.
„Сакавме да создадеме нешто што не е само убаво – туку нешто што има смисла, што раскажува приказна и пренесува емоција“, вели Рилинд Хоџа.
Идејното и визуелното решение стои зад дизајнерот Харис Муриќ, кој додава: „Најголемата вредност беше слободата што ја добивме од клиентот. Тоа ни овозможи да направиме нешто што навистина се издвојува.“
Ова е прво интернационално признание за Why Agency, но и потврда дека креативноста во Македонија не познава граници.
Адвент кутијата беше лансирана во лимитирана празнична серија, а веднаш по нејзиното претставување привлече внимание кај љубителите на дизајн и ексклузивен накит. Денес, благодарение на наградата, приказната на Smaragd 1969 се раскажува и надвор од границите на земјата.
View this post on Instagram