Неофицијалните информации кои се ширеа во последните неколку денови се официјализираа: најголемите две американски огласувачки групации Omnicom и Interpublic Group најавија спојување.
Двете компании синоќа соопштија дека нивните Управни одбори едногласно го одобриле дефинитивниот договор според кој Omnicom ќе ја преземе Interpublic во трансакција акции за акции. Според условите на договорот, акционерите на Interpublic ќе добијат 0,344 акции на Omnicom за секоја акција од обичните акции на Interpublic што ја поседуваат. По комплетирањето на трансакцијата, акционерите на Omnicom ќе поседуваат 60,6% од комбинираната компанија, а акционерите на Interpublic ќе поседуваат 39,4%.
Комбинираниот приход на двете компании за 2023 година изнесува околу 25,6 милијарди долари. Притоа, нивното спојување се очекува да доведе до намалување на годишните трошоци за 750 милиони долари. Комбинираната компанија ќе го задржи името Omnicom и ќе тргува под кратенката OMC на Њујоршката берза. Компанијата ќе има над 100.000 вработени и ќе испорачува услуги во сферата на маркетингот, огласувањето, медиумите, податоците, дигиталната трговија, здравтсвената заштита, односите со јавноста и брендирањето.
Џон Врен ќе остане претседател и генерален извршен директор на Omnicom. Фил Ангеластро ќе остане извршен потпретседател и генерален финансиски директор на Omnicom. Филип Краковски и Дерил Сим ќе служат како копретседатели и генерални оперативни директори на Omnicom. Краковски исто така ќе биде и копретседател на Комитетот за интеграција по спојувањето. Тројца актуелни членови на Одборот на директори на Interpublic, вклучувајќи го и Филип Краковски. ќе бидат дел од Одборот на директори на Omnicom.
Трансакцијата се очекува да биде ослободена од данок за акционерите на двете компании и се очекува да биде финализирана во втората половина на 2025 година, по одобрување од акционерските собранија на Omnicom и Interpublic.
Догoворот треба допрва да биде одобрен од американските регулаторни власти.
„Оваа стратешка аквизиција создава значајна вредност за двете групи акционери со комбинирањето на високо комплементарни податочни и технолошки платформи од светска класа, овозможувајќи нови понуди на услуги што подобро ќе им служат на нашите клиенти и ќе поттикнат раст. Преку оваа комбинација, ние сме подготвени да ги забрзаме иновациите и да ги искористиме значајните можности што ги носат новите технологии во оваа ера на експоненцијални промени. Сега е совршено време да ги споиме нашите технологии, способности, таленти и географско присуство за да им испорачаме на клиентите супериорни резултати базирани на податоци. Возбудени сме што им посакуваме добредојде на Филип и целиот тим на Interpublic во семејството на Omnicom“ – истакнува Џон Врен, претседател и генерален извршен директор на Omnicom.
„Оваа комбинација претставува огромна стратешка можност за сите засегнати страни, засилувајќи ги нашите инвестиции во можностите и талентите кои ги нуди платформата како дел од поопширна мрежа. Нашите две компании имаат многу комплементарни понуди, географско присуство и култури. Ние, исто така, споделуваме основно верување во моќта на идеите, овозможени од технологијата и податоците. Со приклучувањето кон Omnicom, создаваме уникатно сеопфатно портфолио на услуги што ќе нè направи најмоќниот партнер за маркетинг и продажба во контекст на свет кој се менува со голема брзина. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со Џон и целиот тим на Omnicom“ – додава Филип Краковски, генерален извршен директор на Interpublic.
Заедничкото соопштение на двете компании може да се прочита во оригинал на следниот ЛИНК.