Старо-новиот американски претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која го одложи имплементирањето на законот кој предвидуваше забрана на кинеската социјална мрежа ТикТок.
Наредбата беше дел од мноштвото укази што Трамп ги потпиша во понеделникот вечерта, веднаш по стапувањето на функција. Со потпишаниот указ, ТикТок доби дополнителни 75 дена за усогласување со законот донесен минатата година од страна на американскиот Конгрес, а потпишан од претходниот претседател Џо Бајден, кој предвидуваше продажба или забрана на платформата.
Американските законодавци беа загрижени дека употребата на ТикТок од страна на американските корисници претставува ризик кон националната безбедноста и можност за злоупотреба на корисничките податоци од страна на конкурентска држава.
Според одредбите на тогаш донесеното законско решение, социјалната платформа требаше да биде продадена до 19 јануари 2025, или во спротивност да биде забранета за употреба во САД. Услугите на ТикТок накратко станаа недостапни за американските корисници, но по залагање на Трамп – според соопштението на компанијата, тие беа постепено вратени.
Новиот американски претседател ја предложи забраната на ТикТок за време на неговиот прв мандат во 2020 година, но оттогаш ги „омекна“ своите позиции. На новинарско прашање зошто го променил миселњето, Трамп едноставно одговори: „Затоа што имав можност да го користам [ТикТок]“.
Тој ја истакна можноста за основање на заедничко американско-кинеско претпријатие кое ќе раководи со платформата, со 50% удел на американската страна. Трамп, исто така, рече дека може да воведе нови трговски тарифи за Кина доколку не се постигне договор за иднината на ТикТок.