Агенциската мрежа Ogilvy соопшти дека Даниел Фишер е именуван за глобален генерален креативен директор на „бутик“ агенциите INGO.
Даниел неодамна беше рангиран како број 1 извршен креативен директор во Европа и во Обединетото Кралство од страна на The One Club и постојано e рангиран меѓу првите 10 на глобално ниво. Од 2019 година, Даниел раководеше со глобалните креативни проекти кои што Ogilvy ги работеше за клиентот Unilever, кој вклучува повеќе познати брендови како Dove, Hellmann’s и Ponds.
Во својата нова улога, Фишер ќе биде одговорен за унапредување на креативниот резултат на канцелариите на растечката агенциска мрежа INGO во Стокхолм, Хамбург и Цирих. Даниел стапува нa новата функција во септември, но ќе остане со седиште во Обединетото Кралство.
Дополнително, тој ќе продолжи да служи во Светскиот креативен совет на Ogilvy, известувајќи пред глобалниот генерален креативен директор, Лиз Тејлор, и генералниот креативен директор за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка, д-р Стефан Фогел.
„Кога за прв пат започнав во Ogilvy, со завист гледав на целата неверојатна работа што излегуваше од INGO и стана моја мисија да соработувам со нив секогаш кога ќе имам можност. Сегашната можност да ги водам на глобално ниво е фантазија која се остварува. Едвај чекам да започнам“ – истакнува Даниел Фишер.
„Даниел ја отелотворува суштината на она што Дејвид Огилви го нарекуваше „божествено незадоволство“ – секогаш стремејќи се да размислува за нешто поголемо, да оди понатаму. Неговата креативна визија и прецизен фокус кон умешноста доведоа до безброј идеи што ги кршат границите, ја менуваат културата, инспирираат завист – идеи кои не само што имаат влијание за нашите клиенти, туку и ја движат нашата индустрија напред. Тој е совршена личност да ги води INGO во нова ера на креативна извонредност“ – посочува глобалната генерална креативна директорка на Ogilvy, Лиз Тејлор.