Агенциската мрежа Ogilvy соопшти дека Ogilvy One отсега натаму ќе служи како глобален бренд на нивниот оддел за потрошувачки искуства и услуги за односи со клиентите (до скоро познат како Ogilvy Experience).
За глобален извршен директор на Ogilvy One е назначен Кент Вертајм, актуелен ко-извршен директор на Ogilvy за Азиско-Пацифичкиот регион. Вертајм може да се пофали со речиси 25-годишна кариера во агенцијата. Претходно го водел Ogilvy One во Азија и оттогаш извршувал повеќе лидерски функции. Паралелно со воечката улога во Ogilvy One, тој ќе продолжи да ја извршува директорската функција во Ogilvy за Азиско-Пацифичкиот регион (APAC).
Покрај Кент Вертајм, глобалниот лидерски тим на Ogilvy One ќе го сочинуваат: Роберто Фара – директор за глобално креативно искуство во Ogilvy One и генерален креативен директор на Ogilvy во Шпанија; Рајеш Мида – регионален директор на Ogilvy One за Северна Америка; Клер Лосон – регионален директор на Ogilvy One за Европа, Блискиот Исток и Африка и генерален директор за клиенти; Аб Гаур – регионален директор на Ogilvy One за Азија-Пацифик, извршен директор на Verticurl и глобален директор за податоци и технологија во Ogilvy; Мауро Каџано – регионален директор на Ogilvy One за Латинска Америка; Џејсон Дејви – регионален директор на Ogilvy One за Австралија и Нов Зеланд; Рави Пал – генерален директор за технологија во Ogilvy One; и Нејт МекНаб – директор за глобални партнерства во Ogilvy One.
„Кога Дејвид Огилви првпат почна да зборува за директен маркетинг пред неколку децении, тој сфати дека во некои случаи најефикасниот маркетинг не е насочен само кон вашата целна публика, туку резонира со неа на лична основа – еден на еден. Сега тоа го подигнуваме на ново ниво со нов лидерски тим за Ogilvy One и посветеност на дизајнирање односи засновани на идеи кои создаваат трајна размена на вредност помеѓу потрошувачите и брендовите на нашите клиенти“ – објаснува Девика Булчандани, глобален извршен директор на Ogilvy.
„Денешните потрошувачи ги избираат своите точки на интеракција со брендовите, од откривање до купување, и повеќе го диктираат односот. Со длабоко разбирање на брендовите и целосно димензионален поглед на потрошувачите, заедно со наградуваната креативност и силна основа на податоци и технологија, Ogilvy One е уникатно позиционирана да дизајнира вредни односи за брендови кои се влијателни, релевантни и трајни“ – додава новиот глобален извршен директор на Ogilvy One, Кент Вертајм.
Ogilvy One нуди низа услуги за дизајнирање односи, вклучувајќи стекнување на клиенти, дизајн на услуги, континуирана трговија и управување на односите со клиентите и лојалноста. Понудата е поткрепена со унифициран глобален технолошки систем поддржан од Verticurl, агенцијата за маркетинг технолошки услуги што Ogilvy ја купи во 2013 година. Ogilvy One има приближно 3.800 специјалисти ширум светот во сферите на стратегијата, креативноста и дизајнот, UX/UI, податоци, медиумите и перформансите, интеграцијата на платформи, креативните технологии, иновациите и вештачката интелигенција, меѓу останатото.
Во моментов работи со широк спектар на B2C и B2B клиенти, вклучувајќи ги и некои од најпознатите светски брендови како што се IBM, Mondelez, Nestlé, Unilever, The Coca-Cola Company, Verizon и Enterprise, како и бројни други регионални и локални клиенти.