Фактот дека огласувачите може да дојдат до телефонските броеви на Фејсбук корисниците не само што е првокласно безбедносно прашање, туку и директно кршење на политиката на користење на податоците на Фејсбук
Веќе години наназад, Фејсбук од своите корисници го бара нивниот мобилен телефонски број за да можат да примаат пораки, но и да дојдат до својот профил на Facebook во случај да ја заборават лозинката.
И тоа функционира, повеќе-помалку, без некои поголеми проблеми. Се додека не беше откриено дека грешка во алатката наменета за огласување на оваа социјална мрежа, може да го открие телефонскиот број на корисници кои посетиле одредени веб-страници.
Меѓународен експертски тим од САД, Франција и Германија го откри проблемот уште во мај 2017 година, а Фејсбук го призна во декември и им плати 5 илјади долари, како дел од својата програма за откривање на грешки во системот.
Фактот дека огласувачите може да дојдат до телефонските броеви на Фејсбук корисниците не само што е првокласно безбедносно прашање, туку и директно кршење на политиката на користење на податоците на Фејсбук.
Од Фејсбук уверуваат дека никој не ја искористил оваа грешка, но останува прашањето зошто им требало многу долго време да ја признаат грешката и да го отстранат пропустот.
Сепак, во текот на изминатата година, Фејсбук исплати речиси милион долари за награди за откриени безбедносни пропусти, што само по себе покажува колку е Фејсбук полн со безбедносни пропусти и грешки.
Експертите за сигурност се уверени дека постојат и други грешки и недостатоци, особено во Фејсбук програмата поврзана со огласувачите, и тоа е само прашање на време кога ќе настане некоја поголема слабост, што би можело потенцијално да ги загрози податоците и идентитетите на милиони корисници.
Прашањето е само дали тие пропусти први ќе ги откријат истражувачите или хакерите.