Американскиот медиумски гигант Fox генерирал повеќе од 800 милиони американски долари приход од реклами како резултат на преносот на овогодинешното финале на американската фудбалска лига, познато како Супер боул.
Натпреварот помеѓу тимовите на Филаделфија Иглс и Канзас Сити Чифс бил емитуван на главниот линеарен телевизиски канал на Fox, на спортскиот канал на шпански јазик Fox Deportes, како и на онлајн стриминг платформата Tubi која е во сопственост на Fox. Преку договор за лиценцирање, шпанскиот пренос се емитувал и на каналот Telemundo, во сопственост на NBCUniversal.
Притоа, настанот забележал просечна гледаност од 127.7 милиони гледачи, односно врв од 137.7 милиони гледачи во втората четвртина на натпреварот, поставувајќи нови рекорди во историјата на Супер боул.
Поради очекуваната висока гледаност, Fox однапред го распродал сиот огласувачки простор, при што просечната цена за реклама од 30-секунди достигнала цена од 7,5 милиони долари, а десетина огласувачи платиле и цена од дури 8 милиони долари.
Согласно повеќегодишен договор со американската Национална фудбалска лига, ексклузивните права за емитување на Супер боул се ротираат помеѓу телевизиите Fox, NBC во сопственост на NBCUniversal, ABC и ESPN на Disney и мрежата CBS во сопственост на Paramount.
Следното издание на Супер боул во 2026 година ќе се емитува на NBC, а редот на Fox повторно доаѓа во 2029 година.