Во пресрет на новите епизоди „Војна на ѕвездите“, компанијата Колумбија направи ограничена серија на јакни инспирирани од популарните филмови, под назив Echo Base Collection. Она што е навистина интересно кај оваа серија е тоа што целата колекција е распродадена за помалку од 10 минути.
Изгледот на јакните дефинитивно буди носталгија кај постарите гледачи, но и жар помеѓу младите обожаватели на оваа франшиза, затоа што дизајнот е заснован на облеката која што главните протагонисти на филмот Лук, Леа и Хан ја носеа на ледената планета Хот.
Секоја од јакните е изработена во 1980 примероци (што се поврзува со 1980 година кога излезе филмот Empire Strikes Back), и може слободно да се каже дека се продадени за само неколку минути откако се пуштени во продажба. Така, јакната на Лук е распродадена за 5 минути и 22 секунди, јакната на Хан е распродадена за 6 минути и 23 секунди, а јакната на Леа за 7 минути и 5 секунди.
Пред некои од продавниците кои ги понудија овие официјално лиценцирани јакни, купувачите во четвртокот навечер кампуваа, со цел во петокот да бидат први кои ќе купат јакна. Во рамките на промоцијата на оваа линија, се одржани и разни настани во продавниците со ликовите од Војна на ѕвездите, но и наградна игра во која главната награда била Хан јакна потпишана од Харисон Форд.
Компанијата јасно наведе дека нема намера да прави дополнителни модели од оваа линија.