Пред неколку денови заврши 33. издание на Летните олимписки игри, кои од 26 јули до 11 август се одржаа во францускиот главен град Париз. За време на игрите беа соборени повеќе спортски, но исто така и медиумски рекорди.
На лице место на случувањата, фановите купиле над 9,5 милиони од достапните 10 милиони билети за разните натпревари во Париз – соопштуваат од Меѓународниот олимписки комитет (МОК). Притоа, за повеќе спортови биле поставени и нови рекорди на гледаност во живо, вклучувајќи за ракомет, одбојка на плажа и рагби. Само на 30 јули, околу 743.000 гледачи присуствувале на разните настани во Париз.
Надвор од спортските терени, околу 145,000 луѓе учествувале во 743 фан-зони лоцирани низ францускиот главен град, а повеќе од 6 милиони луѓе се собрале на други локации определени за прослава ширум целата држава.
Од МОК проценуваат дека над половина од светското население на некој начин било ангажиранo со игрите во Париз, дали преку телевизиски пренос или дигитални канали. Правата за телевизиски пренос на овогодинешните Олимписки игри ги поседуваа 36 медиумски куќи, понатаму разделени со договори за под-лиценцирање на дополнителни 182 радиодифузери.
Благодарение на продукцискиот тим од над 8,300 луѓе на Олимписките радиодифузни услуги (Olympic Broadcasting Services – OBS) биле снимени над 11,000 часа содржини. Платформата на OBS за доставување содржини преку интернет (Content+) бил примарниот метод за доставување содржини во краток формат до медиумските куќи, при што биле изготвени повеќе од 17,000 парчиња кратки видео содржини (од кои приближно 790 парчиња вертикални содржина наменети специјално за социјалните медиуми). Ова резултирало со повеќе од 113,000 преземања во текот на игрите.
Повеќе фанови на Олимписките игри од кога било досега ги користеле различните дигитални и социјални платформи на МОК за да ги следат игрите:
- Забележани се над 12 милијарди онлајн интеракции, повеќе од двојно повеќе од минатите игри во Токио во 2020 година;
- Социјалните профили на Олимписките игри забележале пораст од 32 милиони нови следбеници, што е повеќе од тројно зголемување на растот забележан за време на игрите во 2020 година;
- Исто така е забележана рекордна употреба на Олимписката веб-страница и мобилна апликација, достигнувајќи приближно 300 милиони корисници за време на Париз 2024, што е највисока бројка за кое било издание на игрите досега;
- Мобилната апликација на ОИ се најде на првото место на најкористена спортска апликација во над 70 територии ширум светот и севкупно најкористена мобилна апликација на повеќе клучни светски пазари, вклучувајќи ги САД, Франција и Италија.
Бројките на гледаност се исто така импресивни на поединечни пазари. На американскиот пазар, овогодинешните Олимписки игри привлекле комбинирана просечна гледаност од 30,6 милиони луѓе на разните платформи на медиумската групација NBCUniversal. Тоа претставува неверојатен раст од 82% во споредба со гледаноста на игрите во Токио во 2020 година, што ја прави овогодинешната Олимпијада најгледана во американската медиумска историја.
Импресивни се бројките и во земјата домаќин. Церемонијата на отворањето ја следеле дури 24,4 милиони ТВ гледачи на францускиот пазар, вклучително и 1,2 милиони гледачи преку онлајн услугите за стриминг. Со тоа, отворањето на овогодишните игри на реката Сена претставува најгледаниот настан во историјата на француската телевизија.