Адвертајзинг гигантот Omnicom Group ги откри бројките за вториот квартал на 2020 година и влијанието на пандемијата на корона вирусот врз деловното работење на групацијата.
Компанијата извествува дека во вториот квартал на 2020 забележале приход од 2.8 милијарди долари, што претставува пад од 25% во однос на минатата година. Оперативниот профит на групацијата е паднат за дури 89%, односно изнесува 62.5 милиони долари.
Најлошо погодени сектори во работењето на групацијата се настаните, теренскиот маркетинг и малопродажбата, како и работата со медиуми.
Со цел да го амортизира ефектот на пандемијата, Omnicom скрати 6.100 работни места од вкупно 70.000 на стартот од годината, како и околу 93.000 квадратни метри работен простор и канцеларии. Ваквата реакција се очекува на компанијата да и’ заштеди 500 милиони долари во текот на годината.
„Ги замрзнавме вработувањата и покачувањето на платите, значително го намаливме или елиминиравме ангажирањето на фриленсери, ги скративме дискреционите трошоци и капиталните расходи каде што беше можно и превзедовме волонтерско намалување на платите ширум нашата корпоративна групација,“ посочи Џон Врен, генерален извршен директор на Omnicom Group, додавајќи: „Врз основа на моменталните услови на пазарот, сметаме дека најлошото е веќе зад нас во вториот квартал како најниска точка за падот на годишните приходи во 2020. Очекуваме дека дел од индустриите кои беа најтешко погодени, како туризмот, забавата и организацијата на настани, ќе продолжат да се соочуват со предизвици, додека пак други индустрии, како малопродажбата, храната и пијалоците, автомобилската индустрија и медискиот закуп ќе забележат подобрување.“