Долгoочекуваното спојување во износ од 13.5 милијарди долари помеѓу Omnicom Group и Interpublic Group – најголемото во историјата на огласувачката индустрија, се очекува да биде финализирано до крајот на 2025 година. Иако одобрение веќе е добиено во 18 од вкупно 20 надлежни регулаторни јурисдикции, конечните согласности од Европската Унија и Мексико сè уште се чекаат.
Двете компании на 30 септември потврдија дека остануваат на својата проекција за завршување на процесот до 31 декември 2025 година. Omnicom воедно објави дека го продолжува рокот на своите понуди за размена и согласности за издадените обврзници на IPG до 31 октомври 2025 година, со цел да се овозможи дополнително време за завршување на регулаторните постапки.
Во значаен регулаторен исчекор, минатата недела американската Федерална комисија за трговија (FTC) го финализираше своето решение, со кое на идниот обединет субјект му се наметнуваат строги правила во поглед на огласувачките практики. Со оваа одлука Omnicom се обврзува да не влијае врз распределбата на огласувачките буџети врз основа на политички или идеолошки ставови, да обезбеди транспарентност при изборот на медиумски партнери и да доставува годишни извештаи за усогласеност во наредните десет години.
И покрај административните пречки, двете компании веќе започнаа со внатрешни преструктурирања. Omnicom предвиде годишни заштеди во висина од 750 милиони долари преку спојување на дупликатни агенции и услуги, додека IPG досега скрати 2.400 работни места, што претставува 4,5% од нејзиниот вкупен кадар. Истовремено, Omnicom во вториот квартал евидентираше трошоци за реструктурирање од 89 милиони долари – показател дека интеграцијата е веќе во тек и пред официјалното финализирање на зделката.
Со добивањето на преостанатите одобренија, новата заедничка компанија ќе стане најголемата огласувачка холдинг-групација во светот, суштински менувајќи го конкурентниот пејзаж на глобалниот пазар. Спојувањето ќе се одвива под зголемен регулаторен надзор, со цел да се зачуваат пазарната разновидност, независноста на медиумите и рамнотежата во индустријата што сè повеќе се потпира на вештачката интелигенција и дигиталната економија.