Omnicom Media Group (OMG), одделот за медиумски услуги на огласувачката групација Omnicom, ги консолидира сите свои капацитети за инфлуенсерски маркетинг на глобално ниво под капата на брендот Creo. Со овој потег, OMG ја позиционира определбата „инфлуенсери како медиумски канал“ во сржта на својата глобална понуда за клиентите, овозможувајќи им на сите пазари да имаат бенефит од податочните партнерства што Creo ги има во инфлуенсерскиот екосистем.
Одговарајќи на деловните потреби и предизвиците за мерење во фрагментираниот пазарен сегмент, интегрираниот пристап на Creo ги внесува своите податочни капацитети во рамките на Omni – отворениот оперативен систем што ги поддржува сите агенции на Omnicom – за да овозможи порелевантно откривање на креаторите на содржини, попрецизно планирање и мерење, како и подиректна врска помеѓу активностите на креаторите и потрошувачите.
„Додека инфлуенсерите играат огромна улога во тоа како потрошувачите откриваат, доживуваат и на крајот избираат некој бренд, ние ги спојуваме длабоките капацитети што ги изградивме во овој простор – низ сите наши региони – под единствен бренд и пристап за да се осигураме дека секој клиент, на секој пазар може да пристапи до истиот водечки талент во индустријата, алатки и технологија за да изгради инфлуенсерски партнерства за раст на нивниот бренд“ – посочува извршниот директор на OMG, Флоријан Адамски.
Глобалните инвестиции во инфлуенсерски маркетинг се зголемени повеќе од тројно од 2020 година наваму, при што се очекува пазарот да достигне вкупна вредност од 33 милијарди американски долари во 2025 година – 37% повеќе од 24 милијарди долари во 2024 година.