Моделот на платформата OnlyFans е едноставен – се претплатуваш кон своите омилени креатори на содржини и за одредена сума на пари добиваш премиум содржини. Така, платформата за брзо време стана омилена за споделување и продавање на експлицитни сексуални содржини. Меѓутоа, сега се чини дека компанијата сака да го промени таквиот имиџ.
Пред само неколку денови, OnlyFans ја лансираше видео-стриминг платформата OFTV, на која се забранети експлицитни содржини. Наместо тоа, корисниците може да гледаат туторијали, рецепти за готвење, часови по пилатес, подкасти и слично.
Но, компанијата не застанува тука. OnlyFans исто така соопшти дека од 1 октомври годинава, експлицитните содржини ќе бидат забранети и на оригиналната платформа, која веќе има 130 милиони корисници.
“OnlyFans го забранува објавувањето на сите содржини кои прикажуваат какво било сексуално експлицитно однесување” – ќе гласи новото правило.
Меѓутоа, голотијата сама по себе нема да биде забранета, освен доколку не се работи за голотија на јавни места каде што таа е забранета.
Промените доаѓаат на барање на банкарските партнери и финансиски даватели на услуги кои се поврзани со платформата.