Германскиот телекомуникациски гигант Дојче Телеком лансираше нова меѓународна кампања насловена „Own Your World“, која има за цел да ја подигне свеста, да поттикне дебата и да ги охрабри младите да ја вратат контролата врз својот дигитален идентитет во ерата на дигитално клонирање.
Главен елемент на кампањата е надреално музичко видео со диџеј VTSS, во кое таа е гонета од армија двојници кои ѝ го крадат вниманието и го преземаат нејзиниот живот. Видеото претставува драматизација на чувството кога вашиот онлајн-идентитет почнува да излегува од контрола и да живее свој независен живот.
Спотот е режиран од францускиот тандем Шадрински, познати по нивните провокативни и субверзивни вирални видеа за познати модни брендови. Кампањата е поддржана со нова дигитална платформа – ownyourworld.online, каде се достапни сеија кратки, визуелно привлечни видеа со VTSS, кои објаснуваат како личните податоци можат да бидат дуплирани, злоупотребени и експлоатирани на начини кои често се невидливи.
Кампањата произлегува од истражување на Дојче Телеком, кое откри итна потреба од подобра едукација за дигитална безбедност меѓу младите, при што над 90% од европската Генерација Z изразуваат загриженост за нивната дигитална приватност. Но, и покрај високото ниво на загриженост, самодовербата е ниска: иако пораснале онлајн, многумина чувствуваат дека немаат капацитет да се справат со проблемот, бидејќи помалку од 7% изјавиле дека се чувствуваат многу самоуверено во управувањето со приватноста на нивните податоци. Истражувањето исто така покажува дека над 70% од Генерација Z би сакале повеќе информации за самозаштита во дигиталниот свет.
„Способноста да го поседуваш својот идентитет треба да биде основно право. Знаеме дека знаењето е моќ. Затоа ѝ го даваме на Генерација Z знаењето и самодовербата што им е потребна за да го ‚вклучат режимот на приватност‘ во својот дигитален живот“ – изјави Улрих Кленке, генерален бренд директор на Дојче Телеком.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција INGO.