OpenAI го издигнува својот четбот со вештачка интелигенција ChatGPT на следното ниво, додавајќи функција за автоматизирање на задачи како што се планирање, пополнување формулари, правење резервации и нарачување на производи.
Алатката е наречена „Оператор“, а се опишува како „агент кој може да пристапува на интернет за да извршува задачи за вас“. Тој е обучен да стапува во интеракција со копчиња, менија и полиња за внесување текст.
„Оператор“ е способен да поставува прашања за дополнително да ги персонализира задачите што ги извршува, како на пример информации за најавување на други веб-локации. Корисниците можат да ја преземат контролата врз алатката во секое време.
„Агентот за користење на компјутер се базира на долгогодишно темелно истражување на пресекот на мултимодалното разбирање и расудување. Со комбинирање на напредната перцепција на графички кориснички интерфејси со структурирано решавање проблеми, може да ги раздели задачите во планови со повеќе чекори и адаптивно да се самокорегира кога ќе се појават предизвици. Оваа способност го означува следниот чекор во развојот на вештачката интелигенција, дозволувајќи им на моделите да ги користат истите алатки на кои луѓето се потпираат секојдневно и на тој начин ја отвараат вратата кон широк опсег на нови примени“ – објаснуваат од OpenAI.
Кон алатката се пристапува преку адресата Operator.ChatGPT.com. Засега, таа е достапна само за корисниците на ChatGPT Pro во САД, со планови за понатамошно проширување.