Технолошката компанија OpenAI ја лансираше својата прва голема бренд-кампања за ChatGPT. Целта е да се прикажат начините на кои луѓето ја користат оваа алатка со вештачка интелигенција во секојдневниот живот – од изработка на планови за вежбање, па сè до осмислување нови рецепти во кујната.
Ова претставува промена во маркетинг стратегијата на компанијата, која досега се потпираше на поединечни настани и појави, како што беше првата реклама за време на Супер Боул во февруари. Сега, фокусот е насочен кон долгорочно градење на брендот и создавање посилна врска со пошироката јавност.
Кампањата ќе се спроведува во Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и Ирска, преку телевизија, стриминг платформи, социјални мрежи и надворешно рекламирање. Првите телевизиски спотови ќе се емитуваат во рамките на NFL Primetime во САД, а во Британија ќе бидат прикажани на ITV, Sky и Channel 4. Воедно, големи билборди ќе бидат поставени во градовите Лондон, Манчестер, Бирмингем, Даблин и Корк.
„Со сè поголем број луѓе кои го користат и го сакаат ChatGPT, сакаме да покажеме како оваа алатка може да го олесни секојдневието и да им помогне на луѓето да посветат повеќе време на она што навистина им е важно“ – посочува Елке Карскенс, меѓународна маркетинг директорка на OpenAI.
Кампањата е создадена од внатрешниот креативен тим на компанијата, а иако вештачката интелигенција била вклучена во позадина, конечниот резултат, како што велат, е целосно дело на човечка рака.
Оваа кампања доаѓа во момент кога кружат шпекулации дека OpenAI се подготвува да развие сопствена платформа за огласување. Дополнителен сигнал за тоа е неодамнешниот оглас за вработување инженер кој ќе работи на развој на интерни алатки за маркетинг канали и оптимизација на трошоците.