Инстаграм и ТикТок ја предводат лстата на социјални мрежи во генерирањето органски интеракции меѓу корисниците и брендовите, но ангажманот на платформата во сопственост на Мета покажува тренд на раст, додека пак ТикТок забележува тренд на опаѓање.
Ова го покажува најновиот извештај “2024 Social Media Benchmarks” на компанијата за развој на системи за потрошувачки искуства, Emplifi. Извештајот бил изготвен со анализа на органските и платените интеракции на над 325.000 светски брендови на платформите Инстаграм, Фејсбук, ТикТок и X, во текот на четвртиот квартал на 2023 година.
Според ова истражување, Инстаграм и Фејсбук забележале највисоки стапки на ангажман со органски содржини во последните две години, додека органскиот ангажман на ТикТок продолжува да опаѓа. Се посочува дека празничниот период му помогнал на Инстаграм да го зголеми органскиот ангажман на брендовите, за 9% во однос на претходниот квартал.
Од друга страна, иако резултатите на ТикТок остануваат силни во споредба со Фејсбук и X, интеракциите по 1.000 импресии се намалуваат – забележувајќи пад од 26% од почетокот на 2022 година. Гледано воопштено, органскиот ангажман на ТикТок се намалил за 39% во четвртиот квартал на 2023 година во споредба со првиот квартал на 2022 година.
Органските содржини од форматот “Reels” и “Carousels” на Инстаграм забележале најдобри перформанси на платформата во четвртиот квартал од 2023 година. Интересно е да се забележи заклучокот на истражувањето дека видео содржините од среден и долг формат на Интагарам и ТикТок се покажале како поуспешни од пократките видеа кога се во прашање органските интеракции. Кај Фејсбук, пак, видео содржините емитувани во живо генерирале 300% повеќе ангажман отколку “Reels” и “Carousels” на истата платформа.
Најдоброто време од денот за објавување органски содржини останува попладнето. Истражувањето открило дека бренд-профилите на Инстаграм и ТикТок во Европа забележале највисоки стапки на ангажман со содржини објавени попладне, особено оние објавени во петок попладне.
Во однос на платеното огласување, Инстаграм и Фејсбук достигнале рекордно ниво на приходи од реклами во последниот квартал од 2023 година. Од друга страна, рекламите на X стануваат сè попристапни, при што цената по клик (CPC) и цената по илјада импресии (CPM) забележуваат постојано намалуваат помеѓу 2022 и 2023 година.
Подетален преглед на истражувањето е достапен на веб-страницата на Emplifi, на следниот линк