Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) ги промовираше двете нови услуги: Едукативна тренинг платформа и Конкурентна плата. Првата од двете услуги на ОРМ претставува дигитална едукативна тренинг платформа која овозможува надградба на знаењето и вештините на вработените во компаниите, а со тоа и на нивната продуктивност, преку бесплатни курсеви, како и еднодневни и тридневни обуки кои можат да се следат онлајн, преку порталот etp-orm.org.mk.
Засега на оваа е-платформа на ОРМ се поставени три обуки, и тоа од областа на безбедноста и здравјето при работа, заштитата од вознемирување на работното место и трудовата легислатива и нејзината примена, како и еден бесплатен вебинар за активните мерки и протоколи за спречување на ширење на Ковид-19. Во зависност од интересот и потребите на членките на организацијата, предвидено е оваа е-платформа постојано да се надополнува со нови едукативни модули и содржини.
Преку втората услуга – Конкурентна плата, ОРМ им овозможува на компаниите да добијат релевантни информации за нивоата на плати и другите надоместоци на вработени и менаџери на различни работни места, профили и позиции и да ги споредат платите на своите вработени на конкретни работни места и позиции. Ваквите информации ќе им овозможат на работодавачите да креираат ефективни стратегии за наградување на вработените во нивните компании, за задржување на компетентните работници и привлекување нови, како и увид за тоа како нивните компании се позиционирани на пазарот на трудот во однос на конкуренцијата и останатите компании во различни гранки и сектори.
„Преку овие две иновативни услуги сакаме да им овозможиме на нашите членки, но и на сите останати компании во земјата, да направат конкретни чекори за зголемување на својата продуктивност и конкурентност. На ваков начин ние всушност го нудиме она за што постојано се залагаме и сметаме дека претставува еден од основните предуслови за реален и одржлив раст на бизнисот, а со тоа и на платите и животниот стандард на вработените“, вели претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска.
За да го стимулира користењето на овие услуги, ОРМ предвидува специјални поволности за членките на организацијата и воедно ги поканува работодавачите да пристапат и да ги користат овие услуги. ОРМ е единствена репрезентативна организација на работодавачи од приватниот сектор, која ги застапува интересите на повеќе од 1.996 компании со над 60.000 вработени во трипартитниот социјален дијалог со синдикатите и Владата. Фокусот на делување на ОРМ се сите теми од интерес на работодавачите поврзани со образованието, безбедноста и здравјето при работа, трудовата и социјалната легислатива, оданочувањето, инвестициите, кредитирањето, инфраструктурата, општествената одговорност и други области.
Двете услуги на ОРМ се поддржани преку проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Дополнителни информации околу можностите што ги нудат платформите на ОРМ можат да се добијат на www.orm.org.mk