Поранешниот извршен директор на Твитер, Џек Дорси, ја лансираше бета-верзијата на неговата нова социјална мрежа со име Bluesky. Најавена уште во 2019 година, новата социјална платформа е веќе подготвена за првиот круг на тестирање. Веста доаѓа кратко по официјалното купување на Твитер од страна на милјардерот Елон Маск по неколкумесечно натегање помеѓу Маск и водството на Твитер.
Платформата Bluesky, според она што го знаеме засега, нема да функционира на ист начин како традиционалните социјални мрежи, бидејќи Дорси уште пред неколку години бил инспириран да создаде дигитален простор за креатори на содржини и корисници кој што би бил децентрализиран.
Во неодамна објавени текстуални пораки помеѓу Дорси и Маск, претходниот извршен директор на Твитер вели дека Твитер отсекогаш требало да биде децентрализирана платформа и дека не може да продолжи како компанија.
Платформата Bluesky, според официјалниот опис достапен на нејзината веб-адреса, претставува „нова основа за социјално вмрежување која на креаторите им дава независност од платформите, на програмерите слобода да градат и на корисниците избор во нивното искуство“.
Користењето на нејзината нова технологија “AT Protocol” значи дека корисниците ќе можат да го контролираат својот алгоритам со цел да не им бидат наметнувани содржини кои што не ги посакуваат.
Според Bluesky на својот Твитер профил, бета верзијата моментално има 30.000 регистрирани корисници за тестирање на услугата со отворена можност за дополнителни регистрации.