Еден од основачите на сајтот Википедија, Џими Вејлс, планира да основа новинска агенција во која ќе работат и професионални новинари и волонтери. Како што пренесува BBC, неговата цел е порталот Wikitribune да содржи „потврдени и неутрални“ вести кои ќе помогнат во борбата против лажните вести.
Намерата е на сајтот да нема реклами, користењето да биде бесплатно, а како и Википедија, ќе се одржува од донациите на читателите. Експртите сметаат дека порталот има потенцијал да стане сајт од доверба, но и дека неговото влијание би можело да биде ограничено.
Wikitribune ќе функционира слично како и Википедија кога се работи за тоа дека авторите ќе мора да го наведат изворот на секој факт, и ќе се потпира на граѓаните кои ќе можат да додаваат статии како би ги ажурирале вестите.
Меѓутоа, иако секој може да внесува измени на страницата, тие ќе „заживеат“ само ако новинарите или доброволците на кои им се верува, ги одобрат. Друга голема разлика во однос на Википедија е тоа што новинарите, околу 10-20 за почеток, ќе бидат платени.