UserWay е интернет алатка чија цел е поголема достапност на интернетот за луѓето со инвалидитет. Алатката може да се користи од самите корисници, но и од веб-сајтовите кои сакаат да ги направат своите портали подостапни за сите.
Меѓутоа, како што посочуваат од компанијата, 97% од најпопуларните еден милион веб-сајтови во светот не се целосно оптимизирани за нивно користење од страна на луѓе со попреченост.
Со цел испраќање на важна порака за нивото на интернет достапност, UserWay за својата нова кампања ја ангажираше Сузан Бенет, оригиналниот глас позади гласовниот асистент Siri на Apple.
Бенет беше избрана затоа што нејзиниот глас е препознатлив за милиони луѓе со попреченост кои ја користат гласовната активација на паметниот асистент Siri за навигирање низ интернет-просторот.
Во однос на кампањата, Бенет коментира дека таа е „моќен потсетник дека интернетот не е достапен за милиони луѓе со инвалидитет“, изразувајќи надеж за подигнување на поголема свест околу овој проблем бидејќи „повеќето луѓе не се ни свесни дека воопшто постои ваков проблем“.