Литературата и илустрацијата имаат специјално место во срцата на децата. Низ книги, приказни и уметност, тие нè носат на магични патувања, истражувајќи нови светови со различни карактери и учејќи вредни лекции попат. Јас сум татко на две деца и од сопствено искуство знам дека детската литература и илустрациите имаат неверојатна можност да ги просветлат младите умови и да ја прегрнат инклузивноста, поставувајќи основа за општество со поголемо разбирање. Преку иницијативи како фестивалот „Литера“, ги зајакнуваме културните врски и градиме мостови на пријателство меѓу нашите нации – рече амбасадорот на Турција Фатих Улусој на отворањето на 6. Меѓународен фестивал на литература и илустрација за деца „Литера“ на која земја во фокус е Турција. Изложба на дела на тројца илустратори од Турција – Гизем Ѓозде Учар, Серхат Албамја и македонската уметница Наташа Андонова е отворена во Галеријата на Младинскиот културен центар. Уметници, родители, деца беа присутни на отворањето и уживаа во новата приказна на „Литера“ која годинава е под мотото „Летаме заедно“.
Светот им припаѓа на децата. „Литера“ е заедничко волшебно патување во кое се впуштивме без да предвидиме со што ќе се соочиме. Во „Литера“ е вложен огромен труд, многу непроспиени ноќи, извозени километри и многу, многу ум, рече Софија Семенпеева-Трајановска, идеен творец на фестивалот.
– „Визијата на „Литера“ е многу амбициозна и вашата поддршка ни е вистински ветар во грб. Со тимот си ветивме дека ќе бидеме борци и истрајни во намерата, зашто важноста на литературата и илустацијата има клучно значење за растот и развојот на новите генерации. Публиката за култура се создава од мали нозе. Здраво општество и културни вредности се градат со работа уште на најмала возраст. Многу макотрпно и посветено го одиме патот на „Литера“, зашто е важно каков свет им оставаме на нашите деца. Важно е да им градиме свет со љубов. Секој од вас вечерва да си отиде со прашањето кои вредности им ги оставаме на децата, а утре донесете ги сите деца да слушаат приказни и создаваат волшепство. Сите деца се вредни, да ги почитуваме различности и да веруваме дека градиме културно и инклузивно општество за сите“ – истакна Семенпеева-Трајановска.
На отворањето публиката имаше можност да се запознае одблиску со четворица автори гости на фестивалот. За Гизем Ѓозде Учар, „врската и соработката меѓу земјите е важна. Сите приказни се поврзани преку луѓето, кои имаат иста основа, исто јадро. Нивното споделување е многу важно за сите нас“.
Писателката Зејнеп Севде ни сподели како физиката што била нејзина прва определба во животот ја споила со книжевноста.
– „Основата на сите науки е во физиката и во нејзините основи може да се најде и книжевноста. Сепак, подоцна им се посветив на студиите по социологија“ – рече Севде.
Мурат Калкаван е турски уметник што една година живее во Скопје. Вели дека се уште се чувствува како турист и градот сè уште го изненадува.
– „Културите ни се слични, турската и македонската култура комуницираат меѓу себе, толку се слични. Се надополнуваат. Многу работи тука ме инспирираат и одушевуваат“ – рече Калкаван.
Авторка на фестивалскиот постер годинава е Наташа Андонова, илустраторката што лани ја доби наградата за најдобар илустратор за 2023 година. Таа ја истакна димензијата на „Литера“ која ни овозможува да ги видиме големите доајени илустратори одблиску, но и да се запознаеме со автори од други земји.
– „Сакам да упатам голема благодарност до „Литера“ и за минатогодишната награда поради која сум тука вечерва. „Литера“ ми овозможува да почувствувам работата на другите наши автори. Среќна сум што моите издавачи „Темплум“ и „Гаврош“ имаа верба во мене за да можам да го постигнам ова“ – рече Андонова.
Во склоп на фестивалот вчера беше отворен и Саемот на литература за деца за прв пат во рамки на Литера.
Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, потоа за реализација на истиот помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.
Програма за 16 мај:
Трибина на тема „Големи приказни од мали земји“, средба со писателката Зејнеп Севде, работилници
Богата програма од дури осум настани во Младинскиот културен центар најавува 6. Меѓународен фестивал за литература и илустрација „Литера“, што беше отворен синоќа во Младинскиот културен центар. Денот ќе започне со мастерклас посветен на Гизем Ѓозде Учар, наменета за илустратори и студенти. Два часа подоцна ќе следува средба со писателката за деца Зејнеп Севде од Турција.
Во 13 часот авторката Александра Тодоровиќ ќе одржи две работилници со наслов „Мистериозниот град под калето“, наменети за деца од 8 до 10 години. Ќе следува работилница за 2Д-анимација.
Богата програма ќе следува и во попладневните часови. Во „Експо зоната“ на фестивалот, во 17 часот авторот Никола Маџиров ќе се сретне со својата публика и ќе разговара за неговата прва книга за деца – „Рокчето“.
Во 18 часот следуваат две работилници за деца. Едната е на тема „Летаме заедно со Бони и неговата волшебна торба“ со специјален едукатор и рехабилитатор м-р Катерина Димова во Креативниот корнер на фестивалот, а другата, во организација на „Арс ламина“ е работилница инспирирана од серијалите „Мирабела“ и „Исидора Мун“ од Хариет Мункастер.
Во секое издание на „Литера“ организираме и тркалезни маси на одредена тема што е важна за издаваштвото за деца и за илустрацијата. Овојпат во 19 часот ќе разговараме на темата „Големи приказни од мали земји“. Трибината ќе ја модерира Сребра Ѓорѓијевска, а учествуваат: Никола Маџиров, Јулијана Величковска, Живко Грозданоски и Гоце Наумов.
Веднаш потоа, од 20 часот во рамките на ОФФ програмата на фестивалот следува креативна работилница за возрасни, што ќе ја види актерката Ангела Стојановска.
Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, потоа за реализација на истиот помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.