Отворени пријавите за учество на 12-то издание на меѓународниот маркетинг и адвертајзинг фестивал White Square, еден од најголемите креативни фестивали во комуникациската индустрија на територијата на Европа. Фестивалот годишно го посетуваат претставници од преку 30 држави ширум светот, се натпреваруваат преку 1000 кампањи, а над 700 делегати учествуваат во едукациските програми. Традиционално, и овогодишното издание на White Square ќе биде отворено на 15 април и ќе трае до 17 април во Минск, Белорусија.
Фестивалот и оваа година ќе го задржи својот тридневен формат исполнет со различни бизнис и едукациски програми на кои свое учество ќе земат добропознати комуникациски експерти од целиот свет, како и возбудливи забави на најголемите огласувачи од различни држави.
Натпреварувачката програма на фестивалот го задржува претходниот баланс на категории и номинации, меѓутоа вклучува и неколку промени во однос на актуелните индустриски трендови и соодветни потреби на глобалните комуникации. Кампањите може да се пријавуваат во седум категории: Креативност, Брендинг, Маркетинг, Креативна ефективност, Дигитал, Медиа, Промени за добро – категорија за креативни општествено-насочени проекти кои добиваат на сѐ поголем глас во сооднос со зголемената актуализација на општествените и еколошки пробелми ширум светот.
Во некои од натпреварувањата поголем акцент ќе биде ставен на употребата на иновативни технологии во онлајн адвертајзингот, како и иновативни оригинални пристапи кон традиционалните видови на адвертајзинг. Поради големиот раст на социјалните медиуми, „Social & Influencer“ е воведена како посебна номинација во неколку различни категории. Следејќи ги глобалните трендови, White Square ја воведе и номинацијата за „Creative Strategy“, која има за цел да ја нагласи важноста на иновативното стратегиско планирање во развојот на бизнисите, како и номинацијата „Design-Driven Effectiveness“, која има за цел да ги презентира мерливите, опипливи резултати на дизајнерските и брендинг проекти. Во согласност со меѓународните трендови, категориите Маркетинг и Медиа ќе имаат поконкретни критериуми за оценување на пријавените кампањи, со осврт врз нивната креативност, извршување/имплементација и резултати.
Кампањите кои ќе бидат пријавени во шесте различни категории ќе ги оценува меѓународно жири составено од преку 60 индустриски експерти од 25 држави, со широко искуство во жирирањето и стотици престижни награди, меѓу кои и 300 кански „лавови“. Конечната листа на членови на жирито ќе биде објавена во текот на месецов, а досега потврдени имиња се Видја Манмохан (GREY UAE), Миша Шрејдер (Publicis Netherlands); Едсон Атхајд (FCB Lisboa), Хана Стенвал (Nord DDB); Стефани Ланг (Ogilvy & Mather Switzerland), Кен ван Лијсебет (TBWA\Brussels), Јоана Замфир (MRM//Mccann Romania), Јулија Довлатова (Geometry Prague), Давиде Боскачи (Publicis Italy) и други.
Пријавувањето за White Square е отворено на официјалниот веб-сајт adfest.by, со попуст на котизација за пријавите до 31 јануари.