Српскиот адвертајзинг магазин Marketing mreža го отвори конкурсот за 11. регионално доделување на престижните награди KAKTUS 2025. И оваа година за наградите KAKTUS ќе можат да конкурираат сите заинтересирани компании и агенции од целиот регион, кои во претходниот период ги реализирале своите кампањи на пазарите во Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора.
Наградите се доделуваат во 25 категории, а ги добиваат организации, компании, институции и агенции за најквалитетни и најпрофесионални поединечни и интегрирани кампањи во текот на изминатата година. Главните награди на фестивалот, како и досега, се Агенција на годината, Огласувач на годината и Интегрирана кампања на годината – Grand Prix. Како и претходните години, KAKTUS 2025 слави исклучиво идеи кои излегуваат надвор од границите на очигледното, инспирираат и создаваат најефикасна комуникација со целните групи. Конкурсот е отворен за поднесување апликации до 28 септември, до полноќ.
Како и минатата година, проектите се пријавуваат исклучиво во видео формат до 3 минути, а воведен е и „AI-disclaimer“, што подразбира дека, доколку во рамките на кампањата за креирање визуелни материјали или идеи биле користени некакви алатки со вештачка интелигенција, задолжително во пријавниот формулар треба јасно да биде наведено на кој начин е користена вештачката интелигенција и во колкав процент во рамките на пријавената кампања.
Со цел да се обезбеди дополнително објективно, независно и професионално жирирање, од минатата година е воведена поделбата на жирито на „едноканална“ и „повеќеканална“ комуникација. За тоа кој ќе ги добие годинашните KAKTUS награди одлучува стручно жири составено од признати и угледни професионалци од креативни, ПР и дигитални агенции, продукциски куќи и компании од Србија и регионот. Нивните имиња ќе бидат објавени најдоцна до 15 септември.
Оваа година пријавите опфаќаат кампањи кои се реализирани или во поголем дел реализирани во периодот од 1 август 2024 до 1 август 2025 година.
„Фестивалот KAKTUS го продолжува својот регионален пат, истакнувајќи ја СИЛАТА на регионалната креативна индустрија. Првото регионално издание минатата година, со над 250 апликации од сите држави во регионот, е само доказ за силата, истрајноста и иновативноста на фестивалот KAKTUS. Конкурсот за наградите KAKTUS останува можност, на регионално ниво, да измериме дали нашите идеи навистина се различни и дали се од оние што опстојуваат. Очекуваме многу добри кампањи кои ќе укажат на трендовите во развојот, но и на предизвиците кои ја одредуваат иднината на креативната индустрија во регионот“ – посочува Ивана Парчетиќ Митиќ, основач и извршен директор на Marketing mreža, организатор на фестивалот KAKTUS 2025.
Наградите свечено ќе бидат доделени за време на 11-от регионален фестивал на интегрирани комуникации KAKTUS 2025, кој оваа година ќе се одржи на 4 и 5 ноември во Белград.
Условите на конкурсот, пропозициите и категориите, како и пријавниот формулар и Правилникот за работа на жирито, можете да ги разгледате на веб-страницата www.kaktus.rs.