Одлична outdoor реклама е онаа која е толку паметно и совршено поставена, што ве тера да размислувате зошто не го гледате истиот пристап во скоро секој град на планетата.
Таков е случајот со новата outdoor реклама на авиопревозникот EasyJet поставена во Бордо, Франција, дело на француската креативна агенција Buzzman. Рекламата е всушност голем принт со превртен текст кој може правилно да се чита само преку рефлексијата во реката Гарона.
Пораката на француски гласи „Bordelais, Le Ciel Est A Vos Pieds“, односно, во слободен превод на македонски – „Граѓани на Бордо, небото е во вашиот дофат“. Под неа со помали букви е испишано „Од Бордо може да се стигне до 30 различни дестинации“.
Огромниот принт е поставен на двете страни од популарниот плоштад Place de la Bourse, односно на зградите на Стопанската комора на Бордо и Интеррегионалниот директорат за царина, изградени во 18 век.
Со сигурност може да се каже дека овој пристап е користен и претходно во адвертајзингот, меѓутоа не многу примери доаѓаат на памет при прва помисла. Пред неколку години, сличен концепт беше искористен со еден мурал во Литванија за промоција на локален уметнички фестивал. Рефлексијата беше искористена и од McDonald’s во 2008, кога во Австралија постави реклама кај која златните лакови од логото на брендот се гледаа само како рефлексија во стакло навечер.