Иако Цукерберг одговораше на прашања десет часа во текот на два дена, сепак немаме одговор на некои важни прашања, како што е следење на активностите кои не се корисници на Фејсбук
Основачот и извршен директор на Фејсбук, минатата недела помина десет часа одговарајќи на бројни прашања од претставниците на Конгресот, но некои многу важни работи за корисниците на оваа мрежа, сеуште остануваат необјаснети. Цукерберг беше добро подготвен, а на прашањата што не ги знаеше или не сакаше да одговори, најчесто велеше дека неговиот тим подоцна ќе даде одговор.
Сенаторот John Thune коментираше за медиумите дека тимот на Цукерберг мора да одговори на голем број прашања кои останале нерешени по дводневното сведочење и верува дека без овие одговори и објаснувања од Фејсбук, тешко да се најде решение за проблемите поврзани со оваа мрежа и заштитата на приватноста.
Ова се некои од најинтересните прашања на кои Цукерберг не даде конкретен одговор:
Дали Фејсбук ги следи онлајн активностите на корисниците надвор од апликацијата, односно кога тие не се пријавени на Фејсбук? Иако првин го повика својот тим за да дадат целосно точен одговор, подоцна призна дека Фејсбук ги следи корисниците заради безбедност и рекламирање.
Сепак, конгресмените не беа задоволни со одговорите, бидејќи по неколку дена од сведочењето и се уште не се знае точно кои активности на корисниците кои не се најавени во Фејсбук ги следи оваа мрежа и за што ги искористува.
Се работи за исклучително важни податоци, особено за приватноста на интернет корисниците, но по бројни прашања, сè уште не знаеме што Фејсбук точно следи.
Ако го избришеме профилот на Фејсбук, колку време ќе бидат зачувани нашите податоци на нивните сервери? Цукерберг вели дека не знае точно колку време е потребно и дека Фејсбук се обидува да ги избрише податоците колку што е можно поскоро.
Но, тој додаде дека тие имаат комплексни системи и треба да потрае некое време додека податоците се избришат (според правилата на Фејсбук потребно е до 90 дена). Цукерберг истакна можност за управување и бришење на корисничките податоци, но не кажа колку е комплицирано бришењето на податоци кои преку Фејсбук се веќе споделени со апликациите.
Најголемиот конкурент на Facebook е …? Ова прашање беше покренато во текот на првиот ден од сведочењето и беше споменато во контекст на монополот на Фејсбук помеѓу социјалните мрежи. Конкретен одговор од Цукерберг, или име на компанија како најголем конкурент, не слушнавме.
Интересно, тој рече дека Американците користат во просек по осум апликации за комуникација, а дел од нив – Facebook, WhatsApp Messenger и Instagram, се во сопственост на Facebook.
Дали Фејсбук ќе ја смени конфузивната политика за приватност? Дел од конгресмените, го предупредија шефот на компанијата за потребата од правила кои ќе бидат напишани транспарентено и разбирливо, бидејќи моментално на оваа мрежа нема конкретни податоци за начините на кои може да се искористат корисничките податоци, но шефот на компанијата не им понуди решение.
Тој рече дека повеќето луѓе и онака не ги читаат сите правила на користење (што е проблем на повеќето технолошки компании, не само на Фејсбук), а долгите правила и онака се збунувачки за корисниците.
Ќе почнеме да плаќаме за Фејсбук? Цукерберг не одговори ниту негативно, ниту позитивно, но рече дека оваа идеја вреди да се размисли. Она што сеуште знаеме е дека, се разбира, корисниците секогаш ќе имаат бесплатна верзија на оваа мрежа и таа верзија ќе биде финансирана од рекламирање.
Цукерберг, барем за сега, го заврши своето сведочење – поканата за слично сведочење во Велика Британија ја одби и ќе го испрати извршниот технолошки директор Мајк Шрефер. Но, врз основа на она што го видовме од Цукерберг, не треба да се надеваме на некои ексклузивни информации.