Ако рекламата за Џон Луис со Елтон Џон ве воодушеви, задолжително погледнете ја и оваа
Оваа реклама, продуцирана со буџет од само 50 фунти, стана вирална на интернет, а многу корисници на социјалните мрежи ја споредуваат со неодамнешната божиќна реклама на Џон Луис со Елтон Џон во главната улога.
Во целосна спротивност со високо-буџетските продукции, ова 2,5-минутно видео покажува колку можете да постигнете со добар сторителинг и вистински емоции. Спотот следи едно момче кое трпеливо ги пречкртува датумите на календарот, очекувајќи го Божиќ за да го отвори својот подарок, а едно е сигурно, дефинитивно нема да ве остави рамнодушни.
Спотот е насловен како “Љубовта е подарок”, а всушност е создаден во 2014 година. Неговиот автор, режисерот Фил Бистал, не го објавил се` додека не го погледнал спотот со Елтон Џон за Џон Луис, по што тој го споделил на Фејсбук. Не помина долго и видеото стана вирално на социјалните мрежи и за само неколку денови е прегледано повеќе од шест милиони пати, а некои од корисниците на социјалните мрежи “бараат” од Џон Луис да го вработи овој режисер.
Режисерот ја прокоментира неговата нискобуџетна реклама, велејќи: “Не морате секогаш да имате огромен буџет, туку само моќна приказна што ќе ја пренесе пораката”, и додава дека во рекламната индустрија се одвива своевидна револуција.
“Луѓето повеќе не сакаат нешто отворено да им се продава, што ја прави нашата работа во продукција на видеа многу потешка, бидејќи мораме индиректно да продаваме”, заклучува тој.