Оваа реклама нема да ви се допадне, но тоа не значи дека не треба да ја гледате.
Како дел од својата нова анти-пушачка иницијатива „Quitline“, Aгенција за промоција на здравјето од Нов Зеланд потсетува дека луѓето не се единствените што страдаат од изложеноста на чадот од цигари.
Иако некои сметаат дека знаењето за штетата што ја предизвикува пушењето за личното човеково здравје е доволно за да ги натера луѓето да прекинат, некои од кампањите кои се фокусираат на тој аспект и не се доволно ефикасни. Реалноста е дека различни пораки влијаат врз различни луѓе, па така се доаѓа и до реклами како што е оваа.
Спотот ја претставува приказната на еден новозеланѓанец и неговото домашно куче, при што поголемиот дел од 2-минутниот спот е од перспектива на миленикот. Токму оваа перспектива ја дава потентноста на рекламата, создавајќи контраст помеѓу љубовта на сопственикот и страдањето кое тој несвесно му го предивикува на неговиот „најдобар пријател“.
Агенцијата која стои позади кампањата е YoungShand од Окленд, Нов Зеланд.