Овогодишното финале на американската фудбалска лига, познато како Super Bowl, го постави рекордот за најгледана програма во историјата на американската телевизија.
Според мерењата на Nielsen и Adobe Analytics, натпреварот помеѓу Канзас Сити и Сан Франциско на 11 февруари постигнал просечна гледаност од вкупно 123,7 милиони гледачи на сите телевизиски и стриминг платформи во САД. Притоа, барем дел од натпреварот го вклучиле максимални 202.4 милиони луѓе.
Претходниот рекорд беше поставен од минатогодишниот Super Bowl, кој во просек го гледале 115.1 милиони луѓе, а барем делумно го гледале максимални 183.6 милиони луѓе.
Овогодишното издание се емитувало на телевизиите CBS, Nickelodeon и Univision, а натпреварот се стримувал и онлајн преку Paramount+ и дигиталните платформи на самата Национална фудбалска лига на САД.
Само на CBS, натпреварот во просек го гледале 120.3 милиони луѓе, кршејќи го претходниот рекорд на телевизијата од 112.34 милиони гледачи за преносот на Super Bowl во 2016 година.
Само да потсетиме, поради големите бројки на гледаност кои редовно ги забележува овој спортски настан, рекламите за овогодишното издание се продаваа по 7 милиони долари за простор од 30 секунди.