Познатата хеви метал икона Ози Озборн го најави лансирањето на својата прва колекција на NFT-a, кои истовремено ќе бидат и првите вакви дигитални токени кои ќе можат да се размножуваат и мутираат.
Колекцијата ќе се состои од крипто-лилјаци (“CryptoBatz“), а е инспирирана од иконичниот момент во историјата на музичарот кога во 1982 година со уста откина глава на лилјак за време на концерт во живо.
Во сличен манир, овие дигитални крипто-лилјаци ќе може да „гризнат“ други NFT-а во колекцијата на сопственикот и да „родат“ ново „мутантско бебе“, односно „мутантски лилјак“ (“MutantBat“).
Спарувањето на крипто-лилјаците е можно со другите „животинчиња“ од колекциите Bored Ape Yacht Club, SupDucks, Cryptotoadz и уште една засега неименувана колекција на NFT-а.

Секој од обичните 9,666 крипто-лилјаци во колекцијата ќе може да „гризне“ само еднаш. Меѓутоа, ќе постојат и екстремно ретки „древни лилјаци“ (“AncientBatz”), раштркани низ интернет просторот, кои ќе можат да „гризнат“ до 99 пати.
Одлуката на Ози Озборн да создаде своја колекција на NFT-а дошла откако неговата сопруга му забранила да купува други NFT-а за Божиќ.
Колекцијата на крипто-лилјаци е достапна за предпродажба преку официјалниот Discord канал на Ози, додека пак јавното лансирање на колекцијата е планирано за почетокот на февруари 2022.