Денес се одржа панел дискусија на тема „Лидерство во политиката, бизнисот и спортот: Дали има заеднички именител?“, организирана од страна на Претседателскиот центар за политичко образование и Македонија2025.
Говорници на настанот беа: Претседателот на Република Северна Македонија, проф. Стево Пендаровски; Канадскиот бизнис лидер со македонско потекло, Џон И. Битов, Претседавач и главен извршен директор на Obelysk, Со-основач и член на Одборот на директори на Македонија2025; Македонска бизнис лидерка, Ангелка Пеева Лауренчиќ, Извршна директорка на Имиџ ПР и македонскиот ракометар, Борко Ристовски. Модератор на панел дискусијата беше Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на Македонија2025.
Во своето обраќање на панел дискусијата претседателот на Република Северна Македонија проф. Стево Пендаровски истакнувајќи ја важноста на лидерството подвлече:
„Ги почитувам лидерите за коишто зборуваат нивните дела, а не самите тие. На младите им порачувам своите одлуки да ги донесат сами и да не потпаѓаат под влијание на скапо платените политички пропаганди. Со нетрпение го чекам денот кога младите нема да се грижат за тоа која политичка партија е на власт или кој е претседател на државата. Денот кога системот едноставно беспрекорно ќе функционира“
На оваа дискусија се потенцираше важноста на лидерството во различни професионални области (политика, бизнис и спорт), стилови на лидерство и лидерство засновано на вредности.
“Ова беше многу информативна сесија за лидерството и како да се биде активен во животот и работата. Темите опфатени за тоа како да се биде добар водач беа важни, но дискусиите за учење од грешки, како да се справите со стресот, како и за управување со тим, корисно е да ги слушнеме ставовите на другиот водач”, истакна Џон Битов.
Во рамките на панелот беше констатирано дека лидерството е клучен фактор за развој во сите сегменти на општеството и само со негово поттикнување кај младите може да се очекува одржлив развој и напредок.
“Што е лидерство? Лидерство е кога си дете да ги поделиш бонбоните со другарите. Лидерство е како тинејџер да предводиш група која ќе отвори значајни теми, а кога си во зрелата возраст да ја понесеш одговорноста за себе и за другите и кога се добива и кога се губи. Звучи едноставно, а сепак е ретко. Кризата на лидерството е светска тема. Добро е што дискутираме за тоа. Да се вратиме на основните вредности, од нив почнува се”, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, Извршна директорка на Имиџ ПР.
На панелот на тема за лидерството во спортот зборуваше и македонскиот спортист Борко Ристовски.
„Во спортот лидерство значи да ги имате работите под контрола на повеќе нивоа. Лидерството е процес кој што има континуитет и го развивате низ годините. Јас лично не се сметам за лидер, но сметам дека сите ние во еден дел од животот сме биле лидери. За да станете лидери треба да бидете успешни, искрени и чесни и да бидете позитивни во својата работа“ истакна Ристовски.
Модераторот, Мојсоска Блажевски заклучи дека добриот лидер има одговорност да помага, да враќа кон заедницата, и да дава пример на сите други, како што е случајот со четворицата панелисти на оваа дискусија.
Панел дискусијата е настан организиран во рамките на врвната обука за развој на деловни вештини и претприемништво „Проектот Лидер“ што е организирана од Македонија2025 и Ајви бизнис школата (Ivey School of Business) на Западниот универзитет во Канада.
Настанот се емитуваше во живо на facebook страната на Македонија2025.