Сервисот за достава на храна Uber Eats во последните два месеци активно работи на реализација на своето ново продолжение на бренд-платформата “Tonight, I’ll Be Eating…” („Вечерва, ќе јадам…“), во кое овој пат ги спојува австралиската зоолошка фамилија Ирвин (на починатиот Стив Ирвин) и американската бизнисменка и медиска личност Парис Хилтон.
Хумористичната кампања го носи името “The Zoo Life” („Зоолошкиот живот“), инспирирано од стариот рејалити ТВ-серијал “The Simple Life” („Едноставниот живот“) во кој Парис Хилтон и нејзината придружничка Никол Ричи се обидуваа да се стават во чевлите на просечниот Американец од средната класа, работејќи тешки физички работи.
Во кампањата за Uber Eats, Парис Хилтон се обидува да им „помогне“ на фамилијата Ирвинг во одржувањето на нивната зоолошка градина. Имајќи во предвид дека Хилтон ја игра стереотипната улога на „вообразена богаташка“ која ја има изградено за себе како медиска личност, кампањата резултира со бројни хумористични моменти.
Кампањата засега се состои од околу десетина различни спотови кои прикажуваат различни хумористични случки или дискусии помеѓу Парис Хилтон и членовите на фамилијата Ирвин, етапно сублимирајќи се во кратки „епизоди“, од кои досега се објавени три на број.
Имплементацијата на кампањата се остварува со помош со широк агенциски тим, вклучувајќи ги агенциите Special, Hello Social, Herd MSL, MediaCom и H/Commerce. Кампањата е примарно наменета за пазарот на Австралија и Нов Зеланд.
Погледнете ги сите спотови на официјалниот YouTube канал на Uber Eats.