Седмиот регионален форум на комуникациски лидери – IZAZOV 2021 ќе биде одржан на 6 и 7 април во Белград, под слоганот „MAKE IT BIGGER“. Станува збор за интерактивен бизнис настан, прв од ваков вид во регионот, наменет исклучиво за професионалци од областа на маркетингот, односите со јавноста и дигиталните комуникации од компании и агенции.
Под покровителство на агенцијата Клипинг Белград, годинешниот настан ќе го отвори Патрик Шобер, партнер во агенцијата PRAM Consulting од Чешка, кој воедно е и главен говорник на форумот IZAZOV 2021. Тој ќе зборува на тема „Public relations 4.0: challenges and opportunities“, а која се однесува на предизвиците со кои се соочува комуникациската индустрија и како тие да се надминат за да преживее индустријата за односи со јавноста, но и зошто треба да се избегнува AVE методологијата, односно да се применуваат Барселона принципите.
Патрик Шобер е искусен лидер во областа на комуникациите. Дипломирал во областа на меѓународните односи и социјалните комуникации, стажирал на Holmes College во Сиднеј и на University of California Irvine. Кариерата ја започна во издавачката куќа Computer Press. Патрик, исто така, е претседател на групата независни ПР агенции Worldcom, каде ги споделува своите забелешки со другите светски ПР лидери. Во исто време, тој е претседател на Управниот одбор на Чешката асоцијација за односи со јавноста (АПРА). Од 2002 година, тој е партнер во агенцијата на PRAM Consulting.
Оваа година, теми на форумот, меѓу другото, ќе бидат: кој ја креира репутацијата на професијата денес; колку вреди агенциската работа; како да се обезбеди независност од големите клиенти и да се преживее нивното заминување; што е sustainable marketing и на кој начин ја менува индустријата од корен; кој презема одговорност за рекламирање на неетички брендови; зошто пазарот во Србија е во состојба на постојано дејствување и што придонесе за тоа. Претставници на најголемите компании и агенции во регионот, ќе зборуваат и за тоа зошто за платите во професијата сè уште само се шепоти; дали само агенциите мразат питчеви или причина за омраза имаат и огласувачите; зошто правилата за питч се мртва буква на хартија. За состојбата на пазарот на маркетинг комуникации во земјите од регионот ќе зборуваат претставници на агенции од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, БиХ и Македонија.
Посебен сегмент на форумот ќе биде посветен на поттикнување на дијалог помеѓу агенциите и компаниите, преку разни видови интерактивни работилници, а ќе се организира и тимбилдинг за учесниците. Како и претходните години, на форумот IZAZOV 2021 ќе биде презентирано најновото истражување за состојбата на професијата во регионот, кое Маркетинг мрежа го спроведува цели седум години.
Пријавување за учество на форумот на комуникациски лидери – IZAZOV 2021 трае до 22 март, а бројот на места е ограничен.
Повеќе информации можете да пронајдете на веб-страницата www.izazovforum.rs