Во текот на изминатите неколку месеци, порталот Маркетинг мрежа спроведе темелна и детална анализа на агенциите кои работат во Србија во областа на пазарните комуникации, наречена #AgencyReport19.
Целта на ова истражување беше анализа на пазарот за 2018 година, односно да се добие увид во состојбата на индустријата, да се соберат транспарентни податоци и да се рангираат агенциите според различни критериуми. Се работи за единствена истражувачко-известувачка платформа која има повеќе намени и далекусежни влијанија на пазарот на маркетинг комуникации во Србија.
Студијата #AgencyReport19 покажа дека во период од само една година во Србија се отвориле дури 31 нови агенции, од кои најголем дел се агенции за комуникација на пазарот (13), а потоа следат агенциите за дигитални комуникации (9). Во моментот, дури 319 правни лица (без претприемачи) работат во областа на пазарните комуникации и маркетинг во Србија, што претставува раст од 10,76 проценти во однос на 2017 година.
Агенциите кои беа предмет на анализа работат во најголем процент (32%) од 6 до 10 години, како и од 0 до 5 години и од 11 до 15 години (по 27%).
Вкупниот приход на деловно работење на ниво на индустрија во 2018 година достигна 48,27 милијарди РСД, што претставува раст од 8,23 проценти во однос на 2017 година. Вкупната нето добивка на ниво на индустрија во Србија минатата година достигна 2,5 милијарди динари, што претставува зголемување од 2,14 проценти во однос на 2017 година.
Во 2018 година, најголем удел на пазарот имале агенциите за закуп на медиуми и програмирање на планови за огласување – 46,68 проценти. Оваа група агенции остварила приход од работење од околу 22,53 милијарди динари, додека нето-добивката е нешто повеќе од 1,48 милијарди динари.
Минатата година, агенциите за пазарни комуникации, со удел на пазарот од 25,86 проценти, на ниво на групација од 125 правни лица, заработија речиси 12,5 милијарди динари. Оваа групација на агенции бележи пад на нето-профитот за нешто повеќе од 107% во 2018 година.
Пад на приходите од работењето на ниво на индустрија забележале само агенциите за маркетинг и социјални истражувања (-3,24%). Најголем пораст на приходите минатата година забележаа агенциите за дигитален маркетинг (22,46 проценти) и агенциите за односи со јавност (18,30 проценти).
Кога станува збор за бројот на вработени на ниво на индустрија, агенциите во Србија вработуваат над 3.500 лица (без претприемачи). Бројот на вработени на ниво на индустрија во 2018 година е зголемен за 4,93 проценти. Најмогу вработени има во агенциите за пазарни комуникации, иако во 2018 година тие се единствените што бележат пад од околу -2,5 проценти во однос на 2017 година. Бројот на нововработени во агенциите за дигитален маркетинг во 2018 година е зголемен за нешто повеќе од 17 проценти, а во агенциите за закуп на медиуми и програмирање на рекламни планови за над 14 проценти.
Заработката на пазарот на комуникации е над просечната плата во Србија. Просечната нето плата на вработените во агенциите за закуп на медиуми и програмирање на рекламни планови била највисока на ниво на цела индустрија и изнесувала околу 720 евра минатата година, додека агенциите за пазарни комуникации и агенциите за маркетинг и социјални истражувања им плаќаат околу 600 евра на своите вработени. Најниски нето плати од околу 270 евра има во агенциите за клипинг и анализа на медиуми, а околу 320 евра во агенциите за организирање саеми и други настани.
Анализта #AgencyReport19 покажа дека пазарот на маркетинг комуникации во Србија продолжува да расте во сите финансиски параметри, но од друга страна, забележителен е многу голем процент на новоформирани правни лица во оваа индустрија, односно продолжување на трендот на фрагментација на пазарот и отворање на мали специјализирани агенции.
Agency Report е долгорочен проект на порталот Маркетинг мрежа, а првото истражување е спроведено минатата година. Проектот е целосно во согласност со мисијата и визијата на Маркетинг мрежа за поголема транспарентност, развој и усогласување на пазарите во Србија со пазарите на развиените земји во светот.
Интеактивните табели по групацја на агенции се достапни на платформата http://adwork.network/agency-report/.