Опаѓањето на популацијата на пчели ширум светот е сериозен проблем кој бара постојано внимание. Според одредени истражувања, пчелите се заслужни за 80% од опрашувањето на растенијата, односно 70% од најважните житарици за луѓето со кои се обезбедува 90% од храната во светот. Употребата на пестициди и климатските промени се сметаат како главни причинители на овој страшен губиток за светскиот екосистем.
Брендот за брза храна McDonald’s, со своите 38,000 локали во преку 100 држави, има огромно влијание во глобалното снабдување со храна и директен интерес за спасот на пчелите да продолжат да ја вршат својата „работа“.
Со цел подигнување на јавната свест за проблемот со исчезнувањето на пчелите и одбележување на Светскиот ден на пчелите, шведската франшиза на McDonald’s и агенцијата Nord DDB ја создадоа кампањата McHive. Оваа кампањата е точно она што мислите – кошници за пчели дизајнирани како минијатурни реплики на различни McDonald’s продавници во кои илијадници пчели можат да живеат и да создаваат мед.
Кошниците се осмислени од страна на наградуваниот дизајнер Никлас Нилсон. Дел од нив ќе бидат поставени на покривите на McDonald’s продавници, а дел ќе бидат продадени на аукција со цел собирање на средства кои ќе одат во добротворни цели.