Pepsi лансираше нов бренд на газиран пијалак со вкус на лимон и лимета наречен Starry, кој што ќе треба да се натпреварува на американскиот пазар со популарниот Sprite на Coca-Cola.
Производот е насочен кон помладите потрошувачи, особено оние од генерацијата Z (луѓе родени помеѓу 1995 и 2010 година). Притоа, новиот пијалак Starry ќе биде достапен во опции без шеќер и со шеќер, истовремено промовирајќи го своето пакување како поодржливо.
Но, ова не е прв пат Pepsi да се обиде да се натпреварува со Sprite. Имено, брендот претходно ги има претставено сличните пијалаци Slice, Storm и Sierra Mist, но ниту еден од овие брендови не успеа да добие значителен удел на пазарот.
Со текот на годините, Pepsi особено вложуваше во развојот на Sierra Mist, испробувајќи различни формулации и промени во пакувањето, но со мал ефект. Според компанијата, новиот Starry има „повисоки цитрусни вкусови кои се верни на овошјето и поароматични“ во споредба со Sierra Mist.
Пазарните истражувања на компанијата покажале дека „побарувачката за газирани пијалаци со вкус на лимон и лимета никогаш не била поголема“, па затоа се надеваат и на поголем успех на Starry во однос на своите претходници.