Првпат формулиран од Кејлеб Брадам како “Brad’s Drink” („Пијалокот на Бред“) во 1893 година, Pepsi што го познаваме и сакаме денес го доби своето официјално име “Pepsi-Cola” во 1898 година, кое потоа беше скратено на само “Pepsi” во 1961 година. Но, еволуцијата не запира, па така, 125 години од првото појавување на популарниот газиран пијалак, Pepsi денес го откри својот нов визуелен идентитет.
Сосема новото брендирање претставено во 360˚ било осмислено од страна на in-house дизајнерскиот оддел PepsiCo Design & Innovation, со динамична палета на бои, привлечни фонтови и „енергичен пулс“ што има за цел да поттикне нова ера во која брендот се чини „помлад од било кога“.
Ова е првото ребрендирање на Pepsi во последните 14 години, а со оглед на значајниот јубилеј од 125 години – дизајнерите сакаа да смислат визуелен идентитет кој ќе му овозможи на брендот да го премости јазот помеѓу физичкиот и дигиталниот простор.
Највпечатливата промена во новиот визуелен идентитет на Pepsi е воведувањето (или подобро речено – враќањето) на името на брендот во внатрешноста на иконичниот „глобус“, што ќе му овозможи на амблемот да се вклопува во разни брендирани елементи без да се изгуби во „метежот“.
Кон aжурираната палета на бои се додаваат електричната сина и црната боја во насока на засилување на контрастот, а со тоа и „живоста“ на препознатливата комбинација од црвена, бела и сина боја кои го оформуваат „глобусот“.
Конкретно, креативците на брендот сакале да ја искомбинираат веднаш препознатливата сина боја на Pepsi со црната боја која десега беше вообичаено резервирана за Pepsi Zero Sugar, спојувајќи ги двете заедно во нова, визуелно впечатлива силуета на лименка која треба да го привлекува погледот на потрошувачите штом се најде на полиците во маркетите.
Дополнително, новиот фонт наречен “Pepsi Owners” треба да ја отсликува „самодовербата и неапологетскиот начин на размислување“ на брендот.
Pepsi ќе започне со имплементирање на својот нов визуелен идентитет од оваа есен, најпрвин на пазарите во САД и Канада, а подоцна и ширум светот во текот на 2024 година.