Американската корпорација за храна и пијалоци PepsiCo, преку нејзиниот оддел за одржливи практики Pep+, ги соопшти своите планови за поддршка на еколошко земјоделство на околу 810 илијади хектари обработливо земјиште ширум САД.
PepsiCo се здружува со компанијата за преработка на храна Archer Daniels Midland (ADM) во нов потфат кој ќе трае до 2030 година, со цел да ги поддржи фармерите ширум САД во транзицијата кон регенеративно земјоделство и помало влијание врз животната средина.
Регенеративното земјоделство е метод кој ја збогатува почвата додека го отстранува јаглеродниот диоксид од воздухот. Според презентираните планови, целите на PepsiCo и ADM опфаќаат намалување на орањето, управувување со хранливите материи и одговорна употреба на пестициди.
Фармите кои што имаат право да се пријават во програмата ги вклучуваат оние кои одгледуваат пченка, соја и пченица во државите Канзас, Мисисипи, Илиноис, Ајова, Индијана и Небраска.
Покрај тоа, компаниите исто така ќе соработуваат за да понудат агрономска и финансиска помош, одржливи земјоделски мрежи и едукативни настани.
Претходно, регенеративното земјоделство се има соочено со негативни реакции бидејќи е тешко да се следи неговиот напредок во помагањето на животната средина. Меѓутоа, PepsiCo и ADM посочуваат дека за тоа ќе користат мерни системи од трети страни кои ќе ја следат состојбата.
Доколку сé биде по план, ова партнерство би можело да елиминира 1,4 милиони метрички тони стакленички гасови, што е еднакво на енергијата што ја користат 275.000 домаќинства секоја година.
До 2030 година, PepsiCo сака дополнително да ги прошири своите регенеративни земјоделски практики на 2,8 милиони хектари земја, приближно колку што е нејзиниот сегашен земјоделски јаглероден отпечаток. Се очекува ADM да им помогне на PepsiCo во постигнувањето на една третина од оваа цел.
Со оваа иницијатива, PepsiCo и ADM се придружуваат на списокот на американски компании кои ги зајакнуваат своите напори за одржливо и еколошко земјоделство, како што се Molson Coors, Diageo и General Mills.