Стариот облик на социјално вмрежување можеби умира. Но, истражувањето на eMarketer и Insider Intelligence покажува дека луѓето во САД поминуваат сѐ повеќе време на социјалните платформи, па маркетерите треба да бидат свесни за тоа како изгледа новата ера на социјалните медиуми. Генерацијата Z и TikTok секако доминираат во насловите на социјалните мрежи, но Meta го одржува своето упориште на врвот, иако се бори да направи нови потфати како во случајот со Threads.
Во продолжение Ви пренесуваме пет графикони од истражувањето кои ја илустрираат новата ера на социјалните медиуми.
- Генерацијата Z се приближува до нивоата на Милениумците во користењето на социјалните мрежи
Сè уште не ја отпишувајте „Фејсбук генерацијата“. Според прогнозите на eMarketer и Insider Intelligence, милениумците сè уште сочинуваат 30% од корисниците на социјалните мрежи во САД (68,5 милиони). Меѓутоа, Генерацијата Z им се приближува со удел од 24,7% (56,4 милиони корисници) – број што и понатаму ќе расте.
Маркетарите треба да внимаваат на тоа како Генерацијата Z ги користи социјалните медиуми (размислувајте за TikTok, Stories и фактот дека не им се допаѓаат платените реклами), бидејќи тие однесувања ќе ја обликуваат иднината на социјалните мрежи. Но, имајте на ум, милениумците не исчезнаа. Тие сè уште користат социјални медиуми и стапуваат во интеракција со инфлуенсерите и рекламите, а маркетерите треба да се погрижат да ги имаат на ум овие постари корисници, дури и кога тие не ги прифаќаат TikTok и Генерацијата Z.
- TikTok е речиси на врвот
TikTok веќе има ритам како Instagram во вкупните минути што возрасните од САД ги поминуваат дневно на платформата, со проценка дека ќе го надмине Facebook во 2025 година. Притоа, тие бројки не го земаат предвид времето што тинејџерите го поминуваат на платформата.
Facebook и Instagram се пред TikTok по вкупниот број на корисници во САД, со 177.9 милиони и 135.2 милиони, соодветно, наспроти 102.3 милиони на TikTok. Но, TikTok има повеќе корисници во САД кои припаѓаат на Генерацијата Z (45,8 милиони) отколку Facebook (30,9 милиони) или Instagram (45,5 милиони).
Очекувајте дека TikTok ќе продолжи да ги обликува трендовите, особено кај младите.
- Инвестициите во реклами сè уште се најнаклонети кон Мета
Возрасните во САД трошат 7,6% од своето просечно време со дигитални медиуми на платформите на Мета, а огласувачите вложуваат 19,5% од нивниот буџет за дигитално огласување во Мета. Овој висок сооднос на долари и потрошено време не е ист на YouTube, TikTok или Snapchat.
Дури и кога помладите корисници сѐ повеќе се насочуваат кон TikTok, на огласувачите сè уште им е удобно на Facebook и Instagram. Ова може да биде можност за огласувачите да се разгранат и да експериментираат повеќе со TikTok и YouTube. Но, тоа исто така значи дека Мета прави нешто баш како што треба во однос на корисничките податоци, пласманот на реклами, леснотијата на користење и следењето на резултатите.
- Сѐ е до инфлуенсерите
Инвестициите за платено огласување на социјалните мрежи продолжуваат да растат на пазарот во САД, но не толку брзо како што беше во екот на пандемијата. Наместо тоа, инфлуенсер маркетингот расте со побрзо темпо, со прогноза дека ќе одржува двоцифрен раст до 2025 година во споредба со едноцифрениот раст на платеното огласување.
Инфлуенсер маркетингот исто така има повеќе простор за раст, со вкупно 5,14 милијарди долари инвестирани на американскиот пазар оваа година, во споредба со вкупните инвестиции од 68,45 милијарди долари за социјални реклами.
- Threads се „отплеткува“ бидејќи новите платформи базирани на текст не успеваат да „полетаат“
Threads на Instagram беше брзо прифатна, но бројот на дневни активни корисници во однос на ривалот X (поранешен Twitter) падна за 82% до крајот на месецот на неговото лансирање, според SimilarWeb и Sensor Tower.
Припадниците на Генерацијата Z што учествувале во истражувањето изјавиле дека платформата ја инсталирале затоа што изгледала забавно и сакале да пробаат нешто ново, но тие точки на интерес не обезбедија долгорочен интерес. Но, паралелно со тоа, опаѓа и употребата на X.