Непрофитната организација за заштита на животинските права PETA не се плаши од контроверзија, замислувајќи што ако некои модни производи, наместо од животинска, беа направени од човечка кожа.
Како дел од својата нова кампања, организацијата лансираше онлајн „продавница“ наречена Urban Outraged, со цел да го насочи вниманието кон модната групација Urban Outfitters која продава производи направени од животинска кожа.
На сатирична веб-продавница можат да се најдат чанти, чевли, јакни, сукњи, фустани, панталони, ремени и слично, сите осмислени како да се направени од човечка кожа.
Притоа, мора да се признае дека веб-сајтот е квалитетно направен, со доста добро осмилени содржини, текст и функционалности, така што може и навистина да си помислите дека се работи за нешто вистинито.
За уште поголема емоционална провокација, на веб-сајтот има и опција „Afterlife Collection“ – замислена услуга која нуди изработка на моден производ од кожата на почината блиска личност или член на семејството.
Со цел проширување на публиката, PETA нуди и „бесплатни ваучери“ кои може да ги споделите со луѓето, а кои ги насочуваат кон провокативната веб-продавница.
За крај мораме повторно да посочиме дека се работи за сатирична продавница и дека ниту еден од прикажаните производи не е вистинит.