Само четириесетина дена по обединувањето на Groupe PSA (матичната компанија на брендот Peugeot) и Fiat Chrysler Automobiles со цел создавање на мултинационалната автомобилска корпорација Stellantis, која треба да им конкурира на големите производители на електрични автомобили, автомобилскиот бренд Peugeot доби нов визуелен идентитет.
Во центарот на ребрендирањето се наоѓа новото лого, кое сега наместо целосната фигура на лав, ја има само неговата глава. Лавјата глава е претставена во профил, со бујна и величествена грива и оторена уста која е спремна да испушти моќен крик. На главата стои името на брендот, а сето тоа е обрамено во хералдички штит.
Од Peugeot се надеваат дека новото лого од една страна ја зацврстува традицијата, наследството и карактерот на брендот, додека пак од друга страна нуди визија за освојување на пазарот со електрични автомобили.
Ребрендирањето вклучува и нов фонт именуван едноставно како “Peugeot New”, кој на прв поглед се чини дека припаѓа на фамилијата фонтови со заоблени букви, но сепак има суптилни остри линии кои му даваат одредени стабилност. Симетричноста на буквите е израз на посветеноста кон прецизноста која ја негува брендот.
Новиот визуелен идентитет на Peugeot е создаден од страна на внатрешниот дизајнерски тим на брендот познат како “Peugeot Design Lab”. Новото лого за прв пат ќе се најде на моделот 308, а до 2023 треба да биде имплементирано кај сите застапништва на Peugeot на глобално ниво.