После 30-тина години соработка, францускиот автомобилски бренд Peugeot раскинува со агенцијата BETC (дел од групацијата на Havas) и ја назначи Omnicom како нова креативна агенција на брендот на глобално ниво.
Omnicom и Peugeot потпишаа 3-годишен договор, кој ќе започне да важи од 1 јануари 2021 година. Со цел максимална ефективност, Omnicom ќе создаде специјален меѓународен оддел наречен Open (скратено од Omnicom for Peugeot Engine) кој целосно ќе биде на располагање на креативните потреби на Peugeot.
„Open ќе нé поддржува со цел да ја забрзаме трансформацијата на нашиот бренд. Преку ангажман на најдобрите таленти и најефективните технологии на Omnicom, каде и да се наоѓаат во светот, Peugeot ќе има придобивки од еден нов, интегриран, информиран и меѓународно фокусиран агенциски модел,“ истакна Тиери Лонзијано, маркетинг и комуникациски директор на Peugeot.
Според Жан-Филип Импарато, генерален извршен директор на брендот, Peugeot сака да го забрза својот меѓународен развој, дигитализацијата на корисничкото искуство, онлајн продажбите и новите мобилни технологии.