Холандската компанија за елекроника Philips ја промовира обновата и повторната употреба на половни производи преку својата иницијатива Philips Refurb Editions, чија цел е вдахнување нов живот во старите производи.
Според Philips, 38% од клиентите се подготвени да платат повеќе за поиздржливи производи што можат да траат подолго време, додека 40% се одлучуваат за купување на половни уреди. Иницијативата Refurb Editions вклучува внимателна проверка и обнова на производи кои се препродадени онлајн или вратени во рок од 30 дена. Компонентите поврзани со хигиената, како што се сечилата за бричење, и електричните компоненти, како што се батериите и полначите, се заменуваат со нови, по што секој артикл е подложен на ригорозно тестирање пред да се препакува во оригинално или рециклирано пакување.
Со цел промоција на оваа иницијатива и воопшто концептот на обнова на старите производи, компанијата лансираше ретро-футуристичка кампања која илустрира како прифаќањето на минатото може да придонесе за подобра иднина.
Кампањата насловена “Better Than New” („Подобро од ново“) се фокусира на три производи: машинка за бричење, фен за коса и епилатор. Преку соодветните реклами, Philips покажува дека иако овие предмети имале претходен живот, тие сè уште се целосно функционални, естетски пријатни и направени да траат – потенцијално повеќе генерации, можеби дури и доволно долго за да отпатуваат во вселената. :)
Со цел создавање на кампањата, Philips оствариле соработка со креативната агенција LePub и италијанското списание Toiletpaper кои „нурнале“ во архивите на компанијата со цел вклучување на елементи од нејзините стари принт реклами. Преку комбинирање на носталгијата со футуристички визуелни елементи, кампањата ги предизвикува потрошувачите да ги преиспитаат своите навики и да ги прифатат половните производи како одржлива алтернатива.