Француската корпорација за производство на алкохолни пијалоци Pernod Ricard, во чија сопственост се брендовите Absolut, Ballantine’s, Chivas Regal, Jameson, Martell, Olmeca Tequila и многу други, објави нова кампања со која ги охрабрува луѓето да пијат повеќе… ама вода!
Централниот спот на кампањата, во времетраење од 50 секунди, прикажува колаж од снимки на пијани луѓе во различни непријатни ситуации. И покрај нелагодното чувство кое го предизвикуваат снимките сами по себе, низ рекламата „трепка“ текстот “Drink More” („Пијте повеќе“), додавајќи дополнително чувство на шок.
Но, штом спотот Ве помести од зоната на комфортот, предизвикувајќи го вниманието, на самиот крај пораката се комплетира во „пијте повеќе вода“, превртувајќи ги негативните чувства во еден многу важен, позитивен совет за да поминете убава вечер и утро.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Buzzman, а иницијално ќе се појави на пазарите во Обединетото Кралство, Германија, Белгија и државите на Латинска Америка, постепено проширувајќи се и во други земји низ светот. Покрај централниот спот, кампањата ќе вклучува и различни онлајн, дигитални и принт активности.