Организацијата на креативните награди Epica Awards со задоволство објави дека овогодинешниот добитник на наградата Creative Leaders Tribute, која се доделува на личности кои значајно придонеле за развојот на глобалната креативна индустрија, е легендарниот индиски креативец Пијуш Панди, претседател на Ogilvy India и глобален генерален креативен директор на Ogilvy.
Наградата ќе му биде врачена лично за време на главната наградна церемонија на Epica Awards која ќе се одржи на 21 ноември во Амстердам, Холандија. Наградата оддава признание на оние индивидуи кои низ целата своја долгогодишна кариера покажале посветеност во поддршката и зајакнувањето на креативноста.
Од Ogilvy, својот глобален креативен директор Пијуш Панди го опишуваат како: „Најнаградуваната и најпочитувана адвертајзинг фигура во Индија, Панди е недвосмислено од калапот на Ogilvy – тој е извонреден лидер кој е страсен за големи идеи и нивно испорачување на клиентите, притоа постојано имајќи го на ум поголемото добро.“
Во Индија, тој е познат по иконичните кампањи за брендови како Cadbury, Fevicol и Asian Paints, меѓу многуте останати. Тој има создадено реклами кои се драгоцени за креативната индустрија и има напишано песни и слогани кои станале дел од индиската култура. Под негово лидерство, Ogilvy во Индија се бореше за искоренување на детската парализа. Пијуш Панди се приклучил на Ogilvy како акаунт директор во далечната 1982 година, но бил префрлен во креативниот оддел на компанијата откако бил забележан неговиот потенцијал. Три години подоцна тој бил назначен за креативен директор.
Коментирајќи во однос на добиената награда, Пијуш Панди истакнува: „Јас сум почестен со ова великодушно признание. Би сакал да им се заблагодарам на сите клиенти и колеги за тоа што ми ја дадоа можноста и што ми помагаа на секој начин со цел нашата работа да изгледа добро.“
Уредничкиот директор на Epica, Марк Тангејт, кој ќе ја води наградната церемонија, изјави: „Голема е честа да се додели оваа награда на Пијуш Панди. Од почетоците на неговата кариера, тој го создава оној вид на адвертајзинг на кој професионалците му се восхитуваат, а потрошувачите го сакаат: топол, хуман, имагинативен и – поради сите тие работи – ефективен.“