Со цел спроведување на мерките за физичко дистанцирање во јавниот превоз и истовремено внесување на доза позитивност во денот на патниците, финската компанија за потрошувачки услуги HOK-Elanto и автобускиот превозник Savonlinja регрутираа тим на големи плишани мечиња кои треба да го запрат налетот на вториот бран од пандемијата.
Имено, на секое второ седиште во автобусите и фериботите од јавниот превоз се поставени големи плишани мечиња кои треба да помагаат во имплементирањето на мерката за преполовувањето на бројот на патници во јавниот превоз.
„Сакавме да ја пренесеме пораката со позитивност и да предизвикаме насмевка кај луѓето, па се одлучивме да ги развеселиме така што ќе ги поканеме да седнат до шармантен и мек сопатник, “ посочи Томас Ахола, комуникациски и маркетинг директор на HOK-Elanto.
Плишаните мечиња редовно се чистат и дезинфицираат со цел одржување на максимално ниво на хигиена во превозните средства, а по завршувањето на нивната „служба“, тие ќе бидат дезинфицирани уште еднаш и донирани во новата детска болница во главниот град Хелсинки.