Кинеската социјална мрежа ТикТок остана недостапна за американските корисници доцна во саботата, пред стапувањео на сила на законот за нејзина забрана во неделата. Забраната се темели на грижи за националната безбедност и ризикот од злоупотреба на податоците на американските корисници.
Меѓутоа, ТикТок најави враќање на услугите недела вечерта, цитирајќи ги заложбите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за продолжување на роковите и изнаоѓање на заемно прифатливо решение.
„Како резултат на напорите на претседателот Трамп, ТикТок се враќа во САД“ – соопштија од компанијата во порака до корисниците само неколку часа во пресрет на пред-инаугирацискиот митинг на Трамп.
На самиот митинг, новиот американски претседател најави дека по стапувањето на функцијата ќе потпише претседателски указ со кој ќе го одложи стапувањето на сила на законот за забрана на ТикТок. „Искрено, немаме избор. Мораме да го спасиме“ – изјави Трамп.
Неговиот предлог за решение е формирањето на заедничко кинеско-американско претпријатие, со 50% американска сопственост на платформата. На тој начин, американските власти би можеле да го надгледуваат менаџирањето со податоците на 170 милиони американските корисници на ТикТок.
Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата како 47. претседател на Соединетите Американски Држави денес, 20 јануари, на церемонијален инаугирациски настан во главниот град Вашингтон.