Пред неколку недели беше соопштено дека фамилијата на трагично починатиот кошаркар Коби Брајант одлучила да не го обнови договорот со брендот за спортска опрема Nike за употреба на неговото име.
Иако според Nike, Брајант бил и останал „длабоко сакан член на семејството на Nike“, веќе некое време кружеле гласини дека кошаркарот го планирал лансирањето на сопствен спортски бренд пред неговата смрт во хеликоптерска несреќа во 2020 година.
Од минатата година, фамилијата на Брајант наводно поднела барање за регистрација на повеќе од 13 трговски марки, вклучувајќи “Play Gigi’s Way”, “Mamba”, “Mambacita”, “Baby Mambas” и “Mamba League”. Трговските марки се однесувале на повеќе категории, од обична облека до опрема за теретана и обувки.
Наводите се дополнително засилени по изјавата на сопругата на Коби, Венеса Брајант, по раскинувањето на договорот со Nike, дека нејзина надеж е фановите на Коби секогаш да ја имаат можноста да ги носат неговите производи и дека таа ќе продолжи да се бори за таа цел.